• петок, 22 ноември 2024

Десетици загинати во израелските напади врз Газа пред Рамазан

Десетици загинати во израелските напади врз Газа пред Рамазан

Газа, 10 март 2024 (МИА) - Израелската армија продолжи да го бомбардира Појасот Газа денеска и десетици луѓе беа убиени пред муслиманскиот пост Рамазан и во услови на меѓународни напори за испраќање хуманитарна помош до опколеното цивилно население во ризик од глад.

Како дел од најавата на ЕУ за хуманитарен поморски коридор, првиот брод треба да исплови од Кипар за да пренесе помош на територијата уништена од повеќе од пет месеци војна меѓу Израел и палестинскиот исламистички Хамас.

Пред Рамазан, кој започнува во понеделник или вторник, нема знаци за договор за прекин на огнот во војната, за која Хамас вели дека убила повеќе од 31 илјада луѓе, главно цивили, во израелската воена офанзива.

Израел ја започна офанзивата како одмазда за невидените крвави напади на палестинските екстремисти, предводени од Хамас, врз јужен Израел на 7 октомври. Во тие напади загинаа најмалку 1.160 луѓе, повеќето цивили, а повеќе од 250 заложници беа киднапирани и однесени во Газа, од кои 130 се уште се држат во притвор.

Синоќа, според властите на Хамас, биле извршени над 60 напади и погодени куќи во централниот и јужниот дел на Газа, најмногу во градот Кан Јунис.

Најмалку 13 лица загинаа кога граната падна врз шаторите на раселените луѓе во регионот Ал-Маваси меѓу Кан Јунис и Рафа, соопшти тамошното Министерство за здравство.

Изминатата ноќ загинаа вкупно 85 Палестинци.

Израелската армија, чии војници дејствуваат на голем дел од палестинската територија, објави дека во последните 24 часа во центарот на Газа и Кан Јунис биле убиени околу 30 палестински борци.

Според податоците на ОН, гладот ​​е закана за 2,2 милиони од 2,4 милиони жители, а 1,7 милиони се раселени.

Министерството за здравство на Хамас соопшти дека 25 лица, главно деца, починале од глад.

Во изминатите неколку дена, неколку западни и арапски земји доставија пакети со храна и медицинска опрема во Газа.

Во петокот ЕУ и САД објавија дека подготвуваат поморски хуманитарен коридор од Кипар, кој е на околу 370 километри од Газа.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изрази надеж дека денеска ќе исплови првиот брод со 200 тони храна обезбедена од невладини организации.

ОН, кои предупредуваат дека широко распространето гладување е речиси неизбежно во Газа, потврдија дека фрлањето пакети со помош од воздух и нивното испраќање по море не може да ја замени испораката на копно. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан