• понеделник, 23 декември 2024

Дени: Мојот образовен асистент треба да биде активен и секогаш подготвен за моите предизвици

Дени: Мојот образовен асистент треба да биде активен и секогаш подготвен за моите предизвици
Скопје, 23 јули 2021 „Мојот образовен асистент треба да биде активен и секогаш подготвен за моите предизвици и за моите барања. Посакувам образовниот асистент што ќе работи со мене да ужива во моите активности, тоа да не го работи со сила. Јас ги повикувам што повеќе да се пријават и морам да им кажам дека кој и да ми биде мене асистент, ќе му биде интересно“. Ова го кажа Дени, девојче со атипичен развој кое е вклучено во редовната настава веќе осум години. Заедно со мајка и, присуствуваше на денешната средба на министерката за образование и наука Мила Царовска со претставниците на Националните инвалидски организации, родителите на децата со попреченост и директорките на основните училишта со ресурсен центар, на која се разговараше за јавниот оглас за вработување на 500 образовни асистенти. Родителите велат дека многу им значи вклучувањето на редовно вработени образовни асистенти во наставата, од есен. „Навистина сме преблагодарни за овој чекор што го прави Министерството за образование и наука со вклучувањето на образовни асистенти во редовната настава. Со тоа ќе имаат голем бенефит сите четири страни - родителите, децата, наставниците и самите асистенти. Родителите нема веќе да доживуваат стрес со наоѓање на асистент. Досега приватно секоја година наоѓавме нов образовен асистент. Неколку се задржаа подолго, но заминуваа затоа што сакаа да си најдат перманентно решение. Сега, тоа ќе биде нивна редовна работа“, рече мајката на Дени, Ирена Жерновска, додавајќи дека ги охрабрува сите што се пронаоѓаат во конкурсот, да се пријават и активно да учествуваат во натамошното вклучување на децата со попреченост во редовна настава. За полесна инклузија на децата со атипичен развој во редовна настава, родителите велат дека е најважна комуникацијата меѓу сите засегнати страни а за поквалитетен образовен процес важно е и вклучувањето на асистивната технологија. Во тек е јавен оглас за вработување на 500 образовни асистенти, за што во буџетот на МОН се обезбедени 59 милиони денари. Ова е прво системско решение за поддршка во текот на наставата на децата со атипичен развој вклучени во редовна настава. Образовните асистенти ќе имаат 24.000 денари месечна нето плата и ќе бидат вработени во петте основни училишта со ресурсен центар „Златан Сремец“ и „Иднина“ од Скопје, Завод за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор, глас и други проблеми во развојот „Кочо Рацин“ од Битола, „Климент Охридски“ од Ново Село и ОУРЦ „Маца Ѓоргиева Овчарова“ од Велес. Министерство за образование и наука ___________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Тагови

Остани поврзан