• четврток, 26 март 2026

Демократската партија на Турците ја достави кандидатурата на Арјан Ибраим за градоначалник на Центар Жупа

Демократската партија на Турците ја достави кандидатурата на Арјан Ибраим за градоначалник на Центар Жупа

Дебар, 11 декември 2025 (МИА) - Повереникот со надлежности на градоначалник, Арјан Ибраим повторно ќе биде кандидат на Демократската партија на Турците, на повторените избори, што ќе се одржат на 11 јануари.

-До Општинската изборна комисија има доставено кандидатура за Арјан Ибраим од ДПТ. Рокот завршува денеска на полноќ.  Независен кандидат  нема, рече за МИА, Неџип Илјаз, претседател на комисијата.

Ибраим(52) градоначалник на оваа општина беше три последователни мандати. На изборите на 19 октомври тој беше поддржан од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и освои 950 гласови, додека двајцата против кандидати Инает Баки и Алил Емрула освоија 386 односно 227 гласа. 

Поради необезбедени цензус од 1/3 од вкупното гласачко тело, односно  7551 лице, изборот за градоначалник се повторува.

И на претходните избори, во октомври 2021 година, во оваа печалбарска општина, во двата круга на гласање не беше обезбеден потребниот цензус од 1/3 од вкупното гласачко тело. Владата потоа го наименувана Ибраим за повереник за вршење на работите  од надлежност на градоначалник.

Тој на повторените избори на 17 април следната година, кога имаше еден противкандидат, доби околу 80 отсто од гласовите, но поради необезбеден цензус истите беа повторени на 20 август, кога другиот кандидат се повлече, па Ибраим, го обезбеди третиот последователен мандат со над 80 отсто од гласовите. вт/вј/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан