• понеделник, 01 јули 2024

Дел од францускиот печат за изборите во државата

Дел од францускиот печат за изборите во државата

Париз, 1 јули 2024 (МИА) - Дваесетте дена изборна кампања не беа доволни за да се смени трендот забележан на изборите за Европскиот парламент на 9 јуни. Главниот ефект од предвремените парламентарни избори, најавени на изненадување од францускиот претседател Емануел Макрон, беше консолидирање на позициите на трите блока кои доминираат на националната политичка сцена и во идното Национално собрание: „Национален собир“ и неговото десничарско крило, сојузот на левицата под името „Нов народен фронт“ и претседателската коалиција предводена од партијата „Ренесанса“, пишува во „Монд“

Првиот круг од парламентарните избори резултираше со нов бран на поддршка за партијата Национален соир  дури и посилен од оној на европските избори, и голем пораз за Емануел Макрон. Партијата на Жордан Бардела е во силна позиција во пресрет на вториот круг на 7 јули, забележува францускиот весник „Еко“.

По силниот настап на европските избори, „Национален собир“ ја консолидираше одличната динамика. Според анкетата на Францускиот институт за истражување на јавното мислење, партијата го зазеде првото место на национално ниво со 34 отсто од гласовите.

Според истиот институт, овој резултат би можел да и овозможи да освои меѓу 240 и 270 места во Националното собрание за една недела. Со други зборови, просто мнозинство. На второ место е левичарскиот „Новиот народен фронт“ кој доби 29,1 отсто од гласовите. Во исто време, претседателското мнозинство забележа остар пад во однос на 2022 година, со само 21,2 отсто од гласовите. Слаб резултат кој официјално го означува крајот на доминацијата на Макрон во Парламентот. „Републиканците“ од своја страна добиваат само 10 отсто од гласовите.

„Бардела против Меланшон подготвени за битка“ е насловот на насловната страница во денешното издание на „Фигаро“. Тоа се однесува на водечките фигури во екстремно десничарскиот и крајно левиот табор, кои ќе се борат за парламентарно мнозинство во вториот круг за една недела. Распуштањето на парламентот и зголемувањето на излезноста на гласачите ги фаворизираа редовите на Марин Ле Пен, претседателка на пратеничката група и историски лидер на Национален собир и Жан-Лук Меланшон, лидер на крајно левичарската партија „Непокорна Франција“ - дел од „Нов Народен фронт“.

Денешниот дуел меѓу нив не остава многу простор за претседателскиот табор и централно-десничарската партија „Републиканци“, пишува француското издание на десниот центар.

Кога историчарите ќе погледнат наназад на распуштањето на Парламентот, ќе кажат само еден збор: катастрофа! Не може да биде поголема. Емануел Макрон имаше се, или речиси се: Елисејската палата и три години пред него; мнозинство, иако релативно, но сепак мнозинство; многу во добра состојба; мала, но изненадувачки солидна изборна база; извалкан личен имиџ, но неоспорен авторитет. Тој изгуби се освен Елисејската палата. Сакаше да го обедини центристичкиот блок, да ја подели левицата и да го изолира „Народен собир“: сите негови пресметки се покажаа погрешни, се вели во уводникот на „Фигаро“.

„Монд“ го нагласува „историскиот избор“ пред Макрон - како неговиот табор ќе постапи во вториот круг во случај на трикратен втор круг со учество на неговата коалиција, левичарскиот „Новиот народен фронт“ и партијата „Национален собир“. Според центристичкото издание, „републиканскиот фронт“, во кој десниот центар и левиот центар се обединуваат во слични ситуации против екстремната десница, е мртов. Партијата „Републиканците“ синоќа не го упати традиционалниот повик за гласање во вториот круг против формацијата на Ле Пен и Бардела.

По три недели брза и збунета кампања, првиот круг од парламентарните избори покажува дека, во најдобар случај, Долниот дом ќе биде поделен на три невладини блока, а во најлош случај, невидено апсолутно мнозинство за „Национален собир“, пишува Леиберасион. Потресени од шокот од распуштањето, 65,8 отсто од гласачите вчера излегоа на гласање според податоците на Ипсос, што е рекордна излезност на парламентарните избори од 1997 година, се додава во изданието.

Друга извонредна појава, покрај излезноста е очекуваниот голем број „триаголни натпревари“, во кои тројца кандидати се квалификуваат за вториот круг во едномандатен регион. Според Ипсос тоа може да погоди меѓу 285 и 315 избирачки реони. Тоа се должи на многу високиот одѕив на гласачите низ Франција. За да се квалификува во вториот круг, кандидатот мора да добие број на гласови еднаков на 12,5 отсто од регистрираните гласачи.

Аналитичарите посочуваат дека исходот од вториот круг и дали Национаелен собир ќе има мнозинство во голема мера ќе зависи од тоа дали третопласираните кандидати од макронистичкиот и левичарскиот блок ќе се откажат во корист на нивните второпласирани противкандидати од центарот и левицата за да имаат поголеми шанси да ги победат противниците од крајната десница. рп/

Остани поврзан