Делчевските воспитно образовни институции се запознаа со повикот за доделување Европска награда за образование за Роми
- Претставници на образовни и други општински институции, здруженија на граѓани и Невладини организации од Делчево денеска се запознаа со објавениот повик на Европската комисија за доделување награда во областа на образованието, кој е фокусиран на инклузијата на Ромите во образовниот систем.
Делчево, 25 февруари 2025 (МИА) - Претставници на образовни и други општински институции, здруженија на граѓани и Невладини организации од Делчево денеска се запознаа со објавениот повик на Европската комисија за доделување награда во областа на образованието, кој е фокусиран на инклузијата на Ромите во образовниот систем.
Како што истакна Ерол Адемов од Општина Штип, повикот е отворен за физички лица, приватни универзитети, како и за Универзитетот Гоце Делчев од Штип.

Целта, истакна тој, е да се поддржат проекти и иницијативи кои ќе помогнат во создавањето на еднакви можности за Ромите во образованието и ќе ја подобрат нивната инклузија во образовните институции.
- За самата апликација важно е да се каже дека, оваа година која е шеста по ред областа на која може да се аплицира е образованието. На повикот кој е со широк спектар можат да аплицираат и физички лица. Од предвидените две награди, првата награда е во износ од осум илјади евра, додека втората награда е во вредност од пет илјади евра. Секоја земја ќе има по двајца свои претставници, од вкупно 14 колку што ќе бидат поканети на студиска посета во Брисел каде свечено ќе бидат доделени таквите награди, нагласи Адемов.
Инклузијата на Ромите во образованието, како што додаде, е многу важна и тема на која се посветува многу внимание.
- Меѓу главните цели е помошта Ромите да го подобрат нивото на образованието, што ќе им овозможи да бидат конкурентни на пазарот на трудот. На тој начин со повисоко ниво на образование, тие ќе имаат поголеми шанси за вработување, полесно интегрирајки се во општеството. Најважно од се за да се постигне ова, е да се отстранат препреките кои ги спречуваат Ромите да имаат пристап до образование, како сиромаштијата, дискриминацијата и недоволниот пристап до ресурси, додаде Адемов.
Повикот за наградата која ја доделува Европската комисија ќе трае до 28 февруари, а апликациите се доставуваат електронски. вс/цр
Фото: МИА