Делчево се поклони пред делото на Св. Климент Охридски - својот духовен заштитник
- Со денешното одбележување, Делчево уште еднаш се поклони пред делото на својот духовен заштитник, кој и денес претставува пример за мудрост, хуманост и просветителска посветеност. Претходно по повод патрониот празник беше одржана и Свечена Академија како и спортски натпревари во футсал и одбојка.
Делчево, 8 декември 2025 (МИА) - Во Општина Делчево денеска беше одбележан празникот посветен на Свети Климент Охридски – словенски просветител, духовен учител и еден од најзначајните црковни и културни дејци во македонската историја.
По тој повод, делегација предводена од градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, претставници од локалната самоуправа, како и директорот на ООУ „Св. Климент Охридски“, Димитар Видимлиски, положија цвеќе пред спомен-обележјето на светецот и оддадоа почит кон неговиот лик и дело.
Градоначалникот Гоцевски истакна дека Свети Климент Охридски претставува темелна фигура во формирањето на словенската писменост и духовност, а неговото просветителско наследство е трајно врежано во македонската култура.
-Делото на Свети Климент е темел врз кој се градела нашата образовна традиција. Тој е симбол на посветеност, знаење и духовна сила“, рече Гоцевски.
По положувањето цвеќе пред бистата на патронот ученици од истоименото училиште прочитаа реферат за Свети Климент Охридски.

-Роден во IX век, Св.Климент Охридски бил еден од најблиските ученици на светите Кирил и Методиј и продолжувач на нивната мисија за ширење на словенската писменост и христијанската вера. По мисијата во Велика Моравија, Климент пристигнал на територијата на денешна Македонија, каде го основал прочуеното Охридско книжевно училиште – првата словенска школа на Балканот и една од најстарите образовни институции во Европа, истакнаа учениците пред присутните.
Неговото богато творештво, кое опфаќа богослужбени книги, преводи и поучни текстови, одиграло клучна улога во развојот на старословенската писменост и во описменувањето на населението. Благодарение на неговата просветителска мисија, низ вековите бил сочуван духовниот, културниот и националниот идентитет на македонскиот народ.
Со денешното одбележување, Делчево уште еднаш се поклони пред делото на својот духовен заштитник, кој и денес претставува пример за мудрост, хуманост и просветителска посветеност. Претходно по повод патрониот празник беше одржана и Свечена Академија како и спортски натпревари во футсал и одбојка. вс/вг/
Фото: МИА