• четврток, 04 декември 2025

Делчево започна со новогодишното украсување

Делчево започна со новогодишното украсување

Делчево, 26 ноември 2025 (МИА) - Општина Делчево деновиве започна со поставување на новогодишните декоративни украси, со што и официјално стартува подготовката за претстојната празнична сезона. Во градскиот парк се поставуваат светлечки украси, празнични фигури, како и дрвените куќички наменети за угостителска и трговска дејност, кои секоја година се едни од главните атракции за граѓаните и посетителите.

Како што информираат од Општината, украсувањето се реализира по претходно утврден план и оваа година опфаќа поголем дел од градот. 

-Особено внимание ќе биде посветено на централното градско подрачје, кое треба да се претвори во главна новогодишна сцена, привлечна за семејствата и најмладите, информираа од Општината.

Градоначалникот Иван Гоцевски, кој деновиве го следи текот на подготовките, истакна дека поставувањето на украсите намерно започнува порано, со цел празничната атмосфера подолго да го разубавува градот кој во овој период го посетуваат бројни туристи.

-Нашиот град го добива новогодишното украсување кое го поставуваме внимателно и одговорно. Докажуваме дека градот не е само инфраструктура – тој дише со нашата енергија. Граѓаните заслужуваат моменти на топлина, а и во времиња полни со предизвици постои простор за радост, добрина и убави желби за нов почеток, изјави Гоцевски.

Тој додаде дека Општината ќе биде скромна во трошоците – ќе се користат најмногу веќе постоечките декорации и светилки – но дека ќе биде подготвена интересна програма која треба да ја заокружи „делчевската новогодишна приказна“ и да им донесе радост на најмладите, како и пријатни празнични моменти за сите жители.

Гоцевски упати апел до граѓаните да бидат одговорни и да не ги оштетуваат декорациите, бидејќи, како што нагласи, тие претставуваат заедничко добро на сите Делчевчани.

-Заедно да придонесеме кон убава и безбедна Нова година и да создаваме убави приказни за нашето Делчево, порача тој.

Новогодишното украсување, традиционално присутно во домовите и јавните простори, според Општината носи порака на надеж, позитивност и верба во нов почеток, симболично најавувајќи ја годината што доаѓа. вс/

Фото: МИА

Остани поврзан