• петок, 05 декември 2025

Делчево домаќин на изложбата „Ѓуриште“ – 20 години бои, инспирација и заедништво

Делчево домаќин на изложбата „Ѓуриште“ – 20 години бои, инспирација и заедништво

Делчево, 7 октомври 2025 (МИА) – Во фоајето на Спомен Домот АСНОМ во Делчево денеска беше отворена Ликовната изложба „Ѓуриште“ - 20 години бои, инспирација и заедништво, која е резултат на соработката со Домот на култура „Крсте Петков Мисирков“ од Свети Николе.

Изложбата ќе биде поставена во наредните десет дена, а на отворањето директорот на НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ - Делчево, Златко Начовски, истакна дека Делчево е горд домаќин на една од најреномираните ликовни колонии во државата.

-Добредојдовте на уште една Ликовна изложба која е резултат на одличната соработка. Особена чест ни е што колонијата „Ѓуриште“ по првпат се претставува во Делчево, рече Начовски.

Директорот на ОУ Дом на култура „Крсте Мисирков“ од Свети Никола Николче Тренчев, потенцираше дека ликовната колонија „Ѓуриште“ годинава одбележува 20 години постоење и има изградено реноме меѓу најпознатите во Македонија и регионот.

-Колонијата е меѓународна и сè повеќе привлекува уметници од земјава и странство. Фондот денес брои 420 дела, а оваа година симболично учествуваа 20 уметници со 20 дела. Воспоставивме традиција сите автори заеднички да создаваат едно платно со свој потпис. Благодарност до Општина Свети Николе за поддршката и финансирањето, изјави Тренчев.

Како стручен соработник за визуелни уметности и ликовен раководител, Александар Белогаски ја нагласи потребата младата популација да биде вклучена во културните текови.

-Особено ми е драго што расте интересот кај младите за посетување изложби. Нашето ликовно ателје е отворено за сите талентирани млади кои сакаат да работат и да ја развиваат уметноста во нашата општина, изјави Белогаски.

Изложбата „Ѓуриште“ е дел од одбележувањето на 20 години од постоењето на колонијата, која со својот континуитет и уметнички квалитет се наметна како еден од најзначајните културни настани во државата. вс/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан