Делчево воведува современ систем за далечински мониторинг на пациенти
- Со поддршка од Австриската агенција за развој, Општина Делчево инвестира во модерна опрема за подобрување на здравствените услуги, особено за повозрасните и хронично болните граѓани во руралните подрачја.
Делчево, 12 февруари 2026 (МИА) - Општина Делчево продолжува да инвестира во модерни и хумани здравствени решенија, со фокус на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, особено на постарите и хронично болните лица, истакна градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски при посетата на Здравствен дом „Гоце Делчев“ Делчево, каде заедно со директорката Билјана Ѓеорѓиевска, докторите Софија Станоева Стојановска и Тони Георгиевски, како и медицинскиот персонал од Итната медицинска помош, се запозна со новата современа опрема за далечински мониторинг и дијагностика на пациенти.
- Станува збор за иновативен систем кој овозможува континуирано следење на здравствената состојба на пациентите од нивниот дом, со посебен акцент на повозрасните лица кои живеат во руралните и оддалечени подрачја на општината. Преку оваа опрема, во реално време ќе се мерат основни здравствени параметри како крвен притисок, сатурација, пулс, дишење и електролитен статус, при што медицинските лица ќе ги следат податоците преку компјутерски и таблет уреди, истакна Гоцевски.
Системот, како што додаде, овозможува истовремено следење на двајца пациенти, што значително ќе ја олесни работата на здравствените работници и ќе обезбеди побрза, навремена и поефикасна медицинска интервенција.
- Со имплементацијата на овој проект ќе бидат опфатени поголем број хронични и повозрасни лица, кои ќе добијат директна и континуирана здравствена грижа, без потреба од чести посети во здравствените установи. Овој модел значително ќе придонесе за унапредување на социјалните и здравствените услуги, подобра координација меѓу институциите и надминување на предизвиците со недостиг на примарни здравствени услуги, особено во услови на непогоди или отежнато движење, подвлече Гоцевски.
Вкупната вредност на проектот изнесува 30.000 евра, а средствата се обезбедени како донација од Австриската агенција за развој, со поддршка на НАЛАС и КДЗ.
Oд Општина Делчево истакнаа дека и понатаму ќе продолжат со вложувања во проекти кои носат конкретни и директни придобивки за граѓаните, позиционирајќи го Делчево како пример за современо и одговорно локално управување во областа на здравството. вс/паг/
Фото: МИА