• петок, 05 декември 2025

Девет текстилни работници загинаа во пожар во  фабрика во Бангладеш

Девет текстилни работници загинаа во пожар во  фабрика во Бангладеш

Дака, 14 октомври 2025 (МИА) -  Девет лица загинаа откако денеска избувна пожар во магацин со хемиски препарати и во соседната фабрика за облека во Дака, главниот град на Бангладеш, соопштија пожарникарите, пренесе ДПА.

Талха Бин Јасим, портпарол на Противпожарната служба и Одделот за цивилна одбрана, изјави дека пожарникарите ги извлекле телата од третиот кат на фабриката за облека во северниот дел на градот, населбата Мирпур.

Тој рече дека бројот на жртви може да се зголеми бидејќи екипите работеле на гаснење на пожарот, пренесува ДПА.

Три лица спасени од местото на настанот биле итно префрлени во болница, додаде тој.

Причината за пожарот засега не е јасна, рече Чоудхури, додавајќи дека биле потребни речиси четири часа за да се изгасне пожарот во фабриката.

„Но, магацинот сè уште гори, испуштајќи токсичен чад“, рече тој.

Еден преживеан од фабриката за облека изјави за локалната телевизија „Џамуна Телевизија“ дека тој и уште четворица преживеале скокајќи од прозорецот на третиот кат.

„Слушнав тресок и набрзо видов пламен на нашиот кат“, рече човекот.

Бангладеш е вториот најголем извозник на облека во светот по Кина, заработувајќи речиси 40 милијарди долари годишно, главно од пазарите во САД и Европа. Текстилниот сектор во земјата вработува повеќе од четири милиони работници, претежно жени, во 4.000 фабрики, потсетува ДПА.

Индустријата се соочува со критики поради лошата безбедност на работните места и постојаните несреќи. Најлошата индустриска катастрофа во земјата се случи во 2013 година кога се урна осумкатната зграда „Рана Плаза“, при што загинаа повеќе од 1.100 лица, повеќето од нив текстилни работници.сд/

фото:МИА архива

 

Остани поврзан