• недела, 22 декември 2024

Дебарската секција подготвена за претстојната зимска сезона

Дебарската секција подготвена за претстојната зимска сезона

Дебар, 20 ноември 2024 (МИА) – Дебарската секција, на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта, е подготвена за претстојната зимска сезона, како со потребната механизација, така и со абразивен материјал.

- На подрачјето кое потпаѓа под наша надлежност, традиционално зимската сезона бара максимална подготовка за да се обезбеди безбедно одвивање на сообраќајот. Моментно во пунктот кој се наоѓа во село Долно Косоврасти имаме 80 тони сол и 100 кубни метри ризла. Сметаме дека се доволни, но во случај на потреба ќе набавиме дополнителна количина абразивен материјал, рече за МИА, Деар Лиманоски, раководител на единицата.

Додава дека располагаат со потребната механизација а од почетокот на ноември работат според зимско работно време, што подразбира 24-часовно дежурство.

- Поширокиот дебарски регион е познат по обилните врнежи од снег, лавини и одрони, со кои вработените во единицата со максимално залагање успешно се справуваат. Моментно на патните правци под наша надлежност, поради дождот, има помали, но, чести одрони од камен а има најава и за снег. Препорачуваме многу внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација. Наши екипи се постојано на терен, со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот, посочи Лиманоски.

Под надлежност на оваа секција се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар-Маврово), Дебар – Глобочица (патен правец Дебар-Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, потоа кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост-Центар Жупа или над 110 километри.

Претставници на надлежните институции на општина Дебар, за координирање на превентивните мерки против поплави и други природни непогоди, неодамна одржаа средба на која беше договорена координација на активностите за спречување на евентуалните опасности предизвикани од поплави, мразови и одрони во текот на зимската сезона. вт/ир/

Фото: МИА

Остани поврзан