• понеделник, 25 ноември 2024

Двајца загинати во експлозија во близина на аеродром во Пакистан

Двајца загинати во експлозија во близина на аеродром во Пакистан

Карачи, 7 октомври 2024 (МИА) – Две лица загинаа, а најмалку осум се повредени по експлозија во близина на голем аеродром во Пакистан, соопштија локалните власти.

Полицијата и провинциската влада соопштија дека вчера експлодирала цистерна пред аеродромот во Карачи, најголемиот во Пакистан. Провинцискиот министер за внатрешни работи Зиа Уи Хасан за локалната телевизија Гео њуз изјави дека станува збор за напад чија цел биле странски државјани.

Одговорноста за експлозијата ја презеде пакистанската сепаратистичка милитантна група Ослободителна војска на Балузи (БЛА). Групата соопшти дека мета биле кинески државјани и оти била извршена со употреба на импровизирана експлозивна направа во возило.

БЛА бара независност за провинцијата Белуџистан, која се наоѓа во југозападен Пакистан и се граничи со Авганистан и Иран. Во август групата почна координирани напади во провинцијата во кои загинаа повеќе од 70 луѓе.

Припадниците на БЛА со децении се борат против владата за посебна држава, тврдејќи дека централната влада неправедно ги искористува богатите гасови и минерални ресурси на Белуџистан.

Тие обично напаѓаат гасни проекти, инфраструктура и безбедносни сили. БЛА, исто така, напаѓа кинеските проекти и повремено убива кинески работници, и покрај гаранциите на Пакистан дека прави се што може за да ги заштити проектите. јт/

Фото: Х

Остани поврзан