Дваесет загинати во авионска несреќа во Јужен Судан, преживеа едно лице
- Дваесет лица загинаа во авионска несреќа во Јужен Судан. Преживеа само едно лице. Меѓу загинатите има двајца кинески државјани и еден Индиец, јавија денеска светските агенции.
Картум, 29 јануари 2025 (МИА) - Дваесет лица загинаа во авионска несреќа во Јужен Судан. Преживеа само едно лице. Меѓу загинатите има двајца кинески државјани и еден Индиец, јавија денеска светските агенции.
„Авионот полетал од областа на нафтено поле во северната држава Унити за главниот град Џуба. Се урна веднаш по полетувањето“, изјави регионалниот министер за информации Гатвеч Бипал.
Патниците биле работници од „Greater Pioneer Operating Company“, конзорциум кој ги вклучува „Кинеската национална нафтена корпорација“ и државната „Нилска нафтена корпорација“.
Бипал не даде дополнителни детали за околностите што довеле до несреќата.
Во последниве години имаше неколку авионски несреќи во Јужен Судан. Во септември 2018 година 19 лица загинаа кога се урна мал авион на пат од Џуба кон градот Ирол. Во 2015 година десетици патници загинаа кога транспортен авион од руско производство се урна веднаш по полетувањето од главниот град на Јужен Судан. рп/
Фото: ЕПА