• понеделник, 23 декември 2024

Дваесетина поети, џез и поетски филмови на 2. „Скопски поетски фестивал“

Дваесетина поети, џез и поетски филмови на 2. „Скопски поетски фестивал“
Скопје, 9 август 2022 (МИА) - Од 29 август до 1 септември годинава во Младинскиот културен центар ‒ Скопје и во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“. Како што информираат од фестивалот, на поетските читања ќе учествуваат дваесетина поети од земјава и од странство, ќе настапат и неколку музичари, ќе се одржи и работилница за креативно пишување поезија за млади, ќе биде отворена и ликовна изложба, а премиерно ќе бидат прикажани и неколку поетски филмови специјално изработени за фестивалот. Неофицијално, програмата ќе започне со „Отскочна даска“ ‒ настан за млади поети и поетеси од 16 до 25-годишна возраст. Читањето ќе се одржи в понеделник, 29 август, со почеток во 20 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, на кое ќе настапат десетина млади поети и поетеси, а потем самите учесници со гласање ќе одберат кој од нив ќе чита и на отворањето на фестивалот во официјалната програма. Истиот ден ќе биде отворена и ликовната изложба на колажи за Скопје од Валентина Бакти (Србија) ‒ „Сум страдал, ама убаво ми било“, што посетителите ќе можат да ја видат во „Буква“ за времетраењето на фестивалот. Официјалното отворање на фестивалот ќе биде на 30 август, со почеток во 20 часот во Младинскиот културен центар - Скопје, со настанот „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“. Станува збор за тематско поетско читање посветено на битничката генерација поети, на кое авторите во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол ќе читаат своја поезија на начинот на кој тоа го правеле битниците. Ќе настапат: Андреј Ал-Асади, Јовица Ивановски, Делвина Крлуку, Мариета Дукиќ, Д. А. Лори, Митко Апостолов, Васко Марковски, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија и избраниот млад поет/поетеса на настанот „Отскочна даска“. На 31 август, исто така со почеток во 20 часот во МКЦ ‒ Скопје ќе се одржи и „Интернационалната поетска вечер“, на која ќе настапат Влада Урошевиќ, Владимир Мартиновски, Радмила Петровиќ од Србија и Сергеј Тимофеев од Латвија, а вечерта ќе заврши со кус поетско-музички перформанс на Пијан Славеј. Фестивалот ќе заврши на 1 септември, во кафе-книжарницата „Буква“, а програмата тој ден ќе започне во 18 часот со работилница за креативно пишување поезија за млади на која ќе говорат дел од поетите што учествуваат на читањата, на тема „Урбана поезија. Истата вечер, во 21 часот програмата ќе продолжи со настанот „Стиховно мапирање на Скопје“ ‒ видеопроекција на 12 поетски филмови инспирирани од песни за Скопје. Филмовите ги снимија Сандра Ѓоргиева, Марија Шаклева, Валентина Бакти (Србија) и Диме Данов, врз основа на песни од поетите: Блаже Конески, Анте Поповски, Радован Павловски, Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Исток Улчар, Биљана Стојановска, Ана Голејшка Џикова, Јулијана Величковска, Ивана Јовановска, Ѓоко Здравески и Андреј Ал-Асади. Дизајнот на официјалниот постер за второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“ е дело на Андреј Павлов. Фестивалот е поддржан од Град Скопје, од Младинскиот културен центар ‒ Скопје, од кафе-книжарница „Буква“ и винарница „Стоби“. Медиумски покровител е „Нова Македонија“, а „Култура бета“ е медиумски партнер. фф/сп/

Остани поврзан