• петок, 05 декември 2025

Д-р Мирко Трајковски ексклузивно за МИА: Револуција во откривањето на ракот на дебело црево, методот е многу полесен од колоноскопијата

Д-р Мирко Трајковски ексклузивно за МИА: Револуција во откривањето на ракот на дебело црево, методот е многу полесен од колоноскопијата

Скопје, 9 септември 2025 (МИА)

Пишува: Билјана Анастасова - Костиќ

Ракот на дебелото црево е една од најчестите причини за смрт особено доколку не се открие навреме. За негово дијагностицирање најчесто се применува колоноскопијата која е инвазивна, непријатна и скапа процедура и која бара посебна подготовка од пациентот, но и голем ангажман од здравствениот персонал. 

Тим од Универзитетот во Женева (UNIGE) предводен од професорот Мирко Трајковски, кој работи како редовен професор на Медицинскиот факултет при Одделот за клеточна физиологија и метаболизам и при Центарот за дијабетес, направи револуционерен исчекор во дијагностицирањето.

Имено, тимот, во најновиот труд објавен во едно од најпрестижните светски научни списанија Цел Хоуст енд Мајкроуб (Cell Host&Microbe), презентираа ефикасна метода со која што може да се открие карцином на дебело црево само и исклучиво врз основа на бактерии присутни во изметот на пациентот. Тие, за првпат ги идентификува човечките бактерии во цревата, т.е. цревната микробиота (или микрофлора) на исклучително високо ниво и со  помош на вештачката интелигенција и ова ново ниво на профилирање на цревната микрофлора, ја  развија таа метода. 

Со методот што го откри овој тим научници, стапката на точност е 90 проценти што е многу блиску до стапката на откривање од 94 проценти карактеристична за колоноскопиите. Предноста е во тоа што со овој метод пациентите не подлежат на инванзивни методи за дијагностицирање на оваа болест и што технологијата е неспоредливо поефтина и поедноставна. Тоа овозможува почест скрининг на  населението и соодветно рано откривање на болеста што е основа за успешен третман. Она што треба да се направи е да се испрати мал дел од примерок од изметот во лабораторија каде би се изолирала бактериската ДНК и внела во моделот, по што се утврдува дали примерокот е позитивен или не.  

Трајковски за МИА: Методот не е инвазивен и е лесен за пациентите

Професорот Мирко Трајковски во екслузивна изјава за МИА објаснува како течело истражувањето, како функционира методот и открива кој бил поттикот да се дојде до едно вакво иновативно решение.

Трајковски посочува дека успеале да го направат првиот сеопфатен каталог на подвидови за цревната микробиота кај човекот.

- Познато е од претходните студии дека постои врска меѓу цревната микрофлора и колоректалниот карцином. Сепак, бидејќи претходно асоцијациите се правеа на основно ниво на бактериски вид, многу врски се пропуштени. Затоа и точноста за откривање на болеста била релативно ниска , што го спречувало користењето на микробиотата за скрининг или дијагностика. Највисока резолуција за профилирање на микрофлората е нивото на сој. Но иако резолуцијата на сојот изгледа како преференцијално ниво на анализа, соевите се обично специфични за домаќинот, што значи дека секој од нас носи свои соеви. Тоа го попречува дедуктивното истражување и ги прави споредбите меѓу студиите и машинското учење невозможни. За да го решиме овој проблем, дефиниравме ново ниво на бактерии кое е меѓу видовите и соевите, наречено ниво на бактериски подвид. Тоа ги опфаќа функционалните разлики меѓу соевите, но овозможува генерализација меѓу различни популации, земји и студии. Во нашиот најнов труд, го развивме првиот сеопфатен каталог на подвидови на човечката цревна микробиота. Врз база на ова ново ниво на профилирање на микрофлората, конструиравме методологија базирана на машинското учење како еден вид вештачка интелигенција, кој ни овозможи идентификување нови врски меѓу бактериите и болеста што ги отвора вратите на користење на микробиотата во дијагностика, вели Трајковски.

Во анализата на цревни микроби кај колоректалниот карцином, идентификувани се над 200 подвидови кои имаат зголемен или намален колоректален карцином во споредба со здравите луѓе.

- Еден од нив е Fusobacterium nucleatum, каде што една влијателна студија, паралелно со нашиот проект, експериментално покажа дека само еден од двата подвида од овој вид може да предизвика колоректален карцином. Нивото на токму тој подвид е зголемено кај пациентите со овој тип на канцер. Понатаму, откривме 30 нови асоцијации присутни само на ниво на подвид, кои претходно беа пропуштени кога беа анализирани на ниво на вид. Користејќи го нашиот каталог, можеме дури и да предвидиме како тие подвидови би можеле да придонесат за колоректален карцином, преку производство на различни метаболити поврзани со ракот, појаснува Трајковски за МИА. 

Ваквиот метод, како што објаснува, не е инвазивен и не бара посебни диети за пациентот, а точноста кај него е 90 процентна. Ова, вели Трајковски, ќе овозможи почест скрининг кај пациентите, односно наместо сегашниот 10-годишен период што се препорачува при колоноскопијата, сега со овој нов метод ќе може да се прави скрининг годишно или на секои две години, што значи дека болеста може да се дијагностицира уште во раната фаза. 

- Основа за успешен третман на канцерот на дебелото црево е раното откривање. Затоа е пожелно процедурата за индивидуата да е лесна и достапна, а за здравствениот систем да е економична, сигурна и прецизна. Со раната дијагноза не само што исходот кај пациентот би бил неспоредливо подобар, туку и заштедите кај здравствениот систем би биле огромни. Анализата се врши на мал примерок од изметот кој се испраќа во лабораторија. Таму, бактериската ДНК ќе биде изолирана, секвенцирана и внесена во моделот за машинско учење за да се види дали пациентот е позитивен и дали треба да биде упатен на дополнителни испитувања. Тоа значи дека постапката за пациентот е многу едноставна, вели Трајковски.

Формирана е нова лабораторија за Молекуларна биологија во рамките на Одделението за микробиолошка лабораторија во која детекцијата за доказ на квалитетна и микробиолошки контролирана вода за

Точноста на овој модел, како што посочува, е околу 90 проценти што е блиску до стапката на отркивање од 94 проценти при колоноскопијата.

- Со овој пристап постигнавме точност од околу 90%, што е повисока од сите други достапни неинвазивни тестови. Она што е посебно охрабрувачки е што увидовме дека сè уште има простор за подобрување на точноста со вклучување дополнителни бази на податоци за време на обуката. Затоа, со секоја нова студија на пациенти со секвенциран микробиом која ќе ја вклучиме во машинското учење, перформансите се повеќе ќе се подобруваат. Исто така, увидовме и дека со технологијата можеме да откриеме и преканцерозни лезии, што значи дури и пред болеста да е присутна кај пациентот. Оние кај кои тестот е позитивен ќе бидат упатени на колоноскопија за да се потврди дијагнозата и за потенцијален третман. Така ќе го зголемиме раното откривање на болеста, што како што нагласив е клучно за нејзино успешно лекување и позитивен исход, нагласува Трајковски.

Додава дека бактериите сами по себе можат да бидат предизвикувачи на болеста, но дека и начинот на живот и генетските предиспозиции може да придонесат за развој на болеста.

Со внесување на повеќе дополнителни бази на податоци се очекува дополнително да се подобрат перформансите на моделот.

Трајковски, кој по потекло е од Македонија, а веќе долги години живее и работи во Швајцарија, се надева дека овој нов модел во иднина може да се примени на која било болест поврзана со микробиотата.

- Веќе го тестиравме методот и на воспалителната болест на цревата и постигнавме одлични дијагностички резултати. Веруваме дека нашиот пристап може да се примени и на многу други болести кај кои композицијата на микробиотата е променета. Тоа значи дека во иднина, со едно секвенцирање на цревната микрофлора би можеле да добиеме речиси целосна слика за здравјето на пациентот со различни нивоа на дијагностичка точност, вели професорот Трајковски во екслузивната изјава за МИА.

Фото: Приватна архива на др. Мирко Трајковски/МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан