• недела, 22 декември 2024

„Да направиме место за емпатија, разбирање и блискост“, кампања на Македонски Телеком за вистинско поврзување

„Да направиме место за емпатија, разбирање и блискост“, кампања на Македонски Телеком за вистинско поврзување

Скопје, 11 март 2024 (МИА) - Македонски Телеком почнува кампања „Да направиме место“ со која, како што велат, поттикнуваат и инспирираат отвореност и меѓусебно разбирање кои се важни за вистинско поврзување. Во рамките на кампањата која ќе трае во текот на целата година, предвидени се повеќе активности.

Кампањата, додаваат, почнува со видео кое испраќа моќна порака: и покрај тоа што мислиме дека имаме малку заеднички нешта, сепак можеме да ги премостиме разликите и вистински да се поврземе. Да направиме место за новото, различното и убавото и заедно да создадеме свет во којшто секоја врска нè збогатува, правејќи ја нашата колективна иднина подобра. 

-Со кампањата „Да направиме место“ ја отвораме темата за предизвиците со кои се соочуваме како општество. Со дигиталната технологија сакаме да креираме врски и да создаваме моменти кои инспирираат отвореност и поттикнуваат меѓусебно разбирање, затоа што веруваме дека за вистинско поврзување потребен е отворен свет. Ние тоа го нарекуваме дигитален оптимизам, кој е во тесна врска со нашиот бренд и цврстата определба да бидеме доверлив партнер на луѓето во времиња на предизвици и да ги поврземе со се што им е важно во нивниот живот, велат од Телеком.

Нагласуваат дека преку дигиталните технологии сме поврзани повеќе од кога било, но, додаваат, со години наназад живееме во несигурност и криза, ја губиме довербата во другите, вербата во подобра иднина, се изолираме и се затвораме, и сè посклони сме кон конфликти и нетолеранција. Според истражувањeто, како што велат, ова најмногу ги допира младите со интензитет којшто забрзано расте последните неколку години. 

-И покрај тоа што живееме во поврзан свет, сепак не сме вистински поврзани. Нашата улога е да ги поврземе луѓето преку комуникациски услуги, но ние имаме одговорност да бидеме многу повеќе од само давател на услуги. Сметаме дека дигиталната технологија не e само алатка за поврзување, туку и алатка за обединување и ширење дигитален оптимизам. Затоа, повикуваме на отвореност и разбирање, за да можеме да се прифатиме, а потоа и вистински да се поврземе, истакна Емилија Андоновска, главен комерцијален директор за приватни корисници на денешната средба со новинарите. 

Како што нагласи, кампањата е инспирирана од делата на култниот автор Горан Стефановски, коишто се врежани во нашата меморија и се подеднакво силни и вистинити и денес. 

-Неговите дела го отсликуваат нашиот дух и култура, нашиот живот, повикуваат на сплотеност, единство, надминување на разликите и не обединуваат како народ и како луѓе. Неговото творештво е потсетник дека има повеќе нешта што нè поврзуваат отколку што не разделуваат, посочи таа.

Во кампањата ќе бидат вклучени познати личности, инфлуенсери, музичари, спортисти... со нивни приказни за предизвиците со кои се соочиле, но потребно е да се вклучат што повеќе луѓе затоа што и најмалото поврзување може да направи голема разлика и да создаде вистински врски. 

-Преку хаштагот #НаправиМесто секој може да ја сподели својата приказна. Овој хаштаг ја истакнува моќта на колективот и нè охрабрува да бидеме активни и гласни и заедно да се бориме против предрасудите, велат од Телеком. вј/аа/

Фото: Телеком

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан