• сабота, 23 ноември 2024

Да ги почитуваме регулативите на ЕУ, отворена опцијата за избор на впишување на етничката припадност, вели Заев за личните карти

Да ги почитуваме регулативите на ЕУ, отворена опцијата за избор на впишување на етничката припадност, вели Заев за личните карти
Скопје, 1 март 2021 (МИА) - Штом ќе стапи во сила регулативата на Европската Унија за тајноста на податоците во личните документи, ние треба да ја почитуваме, а бидејќи остануваме на патот на ЕУ, нема друга алтернатива треба да ги почитуваме европските регулативи. Јас би одел да се донесат одлуките, посебно со опцијата за избор за впишување на графата на етничка припадност, изјави денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за носењето на предлог-законот за лични карти со кој во нив би се впишувала етничката припадност. Потсети дека за тоа прашање разговарале со партијата Беса во 2019 кога се носеле уставните измени и оти се работи за даден збор. -Имаме навистина пријателски отворени и разумни и рационални разговори и со Беса и со сите други коалициски партнери. Ние сме дале збор уште 2019 почетокот на годината кога ги завршувавме уставните промени. Тоа беше важно на политичката партија Беса, тогаш беше во опозиција и ние тоа го потврдивме дури со соопштение на Влада и до ден денес го потврдуваме. Секако флексибилноста и тие ја кажаа на опција на избор за впишување на графата на етничка припадност, рече Заев. Истакна оти за сите партии нов момент е дека од август стапува во сила европска регулатива каде што тајноста на податоците е загарантирана односно, забрането е да се впишува во документите за лична идентификација, етничката, политичката, верската определба и многу други определби.  

-Но за мене е важен и овој дискурс, дебата што ја имаме, на подготвеност. Важно ми е дека најголемата македонска или мултиетничка партија СДСМ даде поддршка. Важно ми е втората по големина партија ВМРО-ДПМНЕ даде поддршка. Даваат и помалите партии, помалите етнички заедници, и тоа е нешто што е квалитатив плус посебно во делот на опцијата оти па ние може да дадеме поддршка, но ќе има граѓани кои ќе не сакаат, тие да имаат опција да изберат, истакна Заев. 

Повтори оти е најважно да се почитуваат европските регулативи, односно како што е во Европа, така да биде и кај нас. Во однос на предлог-законот за државјанство, вели дека предлогот со тројца сведоци да се докажува државјанство е невозможно. -Тоа го нема никаде во светот. Сакаме да го најдеме решението што ќе биде врз основа на докази и аргументи, одредено право остварено во државата што потврдува, или барем да има материјален доказ, затоа што тој што одлучува и го става својот потпис, не може да го темели својот потпис и својата одговорност врз основа на сведоци. Не мислам дека за ова прашање треба да се прави блокада, вели Заев. нд/ац/    

Остани поврзан