• вторник, 24 декември 2024

Данела Арсовска: Центарот на Скопје мора да биде место каде што ќе биде задоволство да се прошета и да се живее

Данела Арсовска: Центарот на Скопје мора да биде место каде што ќе биде задоволство да се прошета и да се живее
Скопје, 5 октомври 2021 (МИА) - Центарот на Скопје мора да биде центар каде што ќе биде задоволство да се прошета и да се живее, истакна независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, поддржанз од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Данела Арсовска на вечерашниот митинг во Општина Центар, од каде порача дека ќе се посвети на јакнењето на економската и претприемничката инфраструктура во градот. - Тука од Центар, се обврзуваме да ја јакнеме и економската и претприемничката инфраструктура, со тоа што ќе почнеме меѓународен проект за изградба на првиот Технолошки парк во Градот Скопје – Скопје Инопарк. Да им дадеме шанса на иноваторите, претприемачите, старт ап-ите, луѓето со визија и храброст да отпочнат нешто ново, изјави Арсовска. Таа потенцира дека Скопје, треба да биде град кој ќе има мотивирана градска администрација и ефикасен јавен превоз. - Ќе живееме во време на сегашноста меѓутоа и на една поубава иднина, накратко за мене Скопје е град кој треба да ја покаже својата душа, кој што ќе има ред во сообраќајот, ќе има достапен ефикасен јавен превоз ќе биде град на на култура за сите скопјани и верувам дека во такво Скопје сите ќе сакаме да живееме, тука во Центар ги претставувам приоритетите на мојата програма и пред вас центарци се обврзувам на некои од стратешките проекти кои што е неоходно да се реализираат, изјави Арсовска. Во областа на културата таа најави одржување на најмалку 12 фестивали, за секој месец во годината. - Скопје еднаш беше центарот на збиднувањата во овој дел на Европа. Во соработка со уметнички групи и здруженија предвидуваме опремување на центри и хали за развој на урбаната култура и алтернативната уметност, аматерските музички бендови и други уметници. Запуштените и руинирани простори под надлежност на градот, ќе прераснат во центри на креативност, дружење, промоција и популаризација на музичките, ликовните, танцовите и сите други уметности, додаде Арсовска. Арсовска го повтори и својот план за Водно кој како што рече ќе стане вистински зелен штит на Скопје, преку континуирана грижа за парк шумата, со 24 часовен надзор на Водно, со редари кои ќе внимаваат на заштитата на природните богатства, но и безбедноста на посетителите, потоа доизградба на жичницата од Скопје до Средно Водно, која ќе ја надополни со навремен и квалитетен јавен превоз, со цел ослободување на Водно од возилата. - Ќе го решаваме и хаосот во сообраќајот преку нови кружни текови, еден од нив кај поранешна Нова Македонија и истовремено ќе направиме и нови велосипедски патеки, одржување на постоечките, а преку паметни системи за изнајмување велосипеди и електрични тротинети – Скопје ќе добие еколошка алтернатива на возилата, потенцира Арсовска. Таа се обврза да работи и на реконструкција на Универзалната сала, едно од култните места за скопјани, за која како што посочи Арсовска, градоначалникот Шилегов ја најавил во ноември 2020, повторно ја најавил во март оваа година, за да започне со нејзина реализација десет дена пред официјалниот старт на кампања. свс/сп/

Остани поврзан