• понеделник, 23 декември 2024

Давидовиќ за „Плацови на Водно“: Обвинението е буквално исконструирано по однос на мојот клиент Сашо Мијалков

Давидовиќ за „Плацови на Водно“: Обвинението е буквално исконструирано по однос на мојот клиент Сашо Мијалков
Скопје, 16 јули 2021 (МИА) – Прво, треба да прашате врз што се темели обвинението затоа што перење на пари е последица на едно друго кривично дело кое мора да му претходи, а Обвинителството ниту го утврдило, ниту го предлага, па зборувам за мојот клиент, за Сашо Мијалков, не може ни да ја докаже неговата умисла и знаењето дека некој друг незаконито зел пари од партија па му помогнал на тој начин што му предложил офшор компании, изјави денеска адвокатот Ѕвонко Давидовиќ во врска со случајот „Плацови на Водно“. Според Давидовиќ, онака како што напишано обвинението, воопшто не соодветствува на законското битие на кривичното дело „перење на пари“. - Особено што и покрај правната логика нема ни човечка логика во обвинението, пак кажувам за мојот клиент, затоа што на еден министер за финансии, на премиер 10 години навистина не му е потребен никој кој ќе му обезбеди офшор компанија, а обвинителката сама во воведниот збор си скока во уста па вика веќе знаеле имало офшор компании каде што дел од капиталот го вложувал. Така што обвинението е буквално исконструирано по однос на мојот клиент, кажа тој. Дополни дека ако Обвинителството си дозволило, и тоа, според него е начин на работење кое Обвинителството го има со години, да не ги обезбеди доказите на одбраната и да не ги даде и да ескивира, е нешто што законот го предвидува. - Ние принципиелно кога веќе не сме ги слушнале сведоците и не сме имале можност да поставиме прашања треба да ги добиеме доказите кои се по меѓународна правна помош. Никој не знае што има во тие докази. Коректно е и ние согласно законот да бидеме запознати, посочи адвокатот. Ние не сме должни да докажуваме невиност, заклучи Давидовиќ, но, како што изјави, во овој случај ќе докажуваат дека она што го тврди Обвинителството е според него, прво апсурдно, второ, нема ни законски елементи на битието на кривичното дело, ниту елементи на вина, а нема ни правна ни човечка логика. Според адвокатот на Камчев, Еленко Миланов, пак, во конкретниот случај пред è не може да оди оваа правна квалификација на овој начин и со ваков обвинителен акт затоа што, како што кажа, оној кој што според ова што денеска го кажа обвинителката ги пуштил како прв парите во промет не може да биде обвинет бидејќи според него не се исполнети законските претпоставки.   - Слушнавме во воведниот говор нови докази за наводни трансакции. Финансиски трансакции без економско вештачење какво што ниту е најавено, ниту направено од Обвинителството не може да има. Ќе докажеме дека ништо од ова не е со средства на тој начин и на кој било друг, туку дека сите средства коишто потекнуваат во овие купувања на удели се од деловно работење на ОРКА компанијата, изјави Миланов. Притоа, кажа дека со она што го има на увид, до овој момент, смета дека нема апсолутно никаква вина и кажа дека во таа насока изготвиле и економско вештачење со кое што тоа го потврдуваат.   Тој упати апел до сите институции во врска со здравствената состојба на неговиот клиент, за што, како што рече, доставиле обемна медицинска документација од четири институции. Додаде дека без малку сите кардиоваскуларни стручњаци во земјава укажале на многу висок ризик од условите во кои се наоѓа неговиот клиент, што, додаде може да има страшни последици по неговото здравје.   Според обвинението за овој случај, Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“. Неговиот кум, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“. Обвинителката Лиле Стефанова на денешниот воведен говор од првото рочиште од случајот истакна дека, според неа, обвинетите со умисла ги презеле сите дејствија на извршување кои се опишани во обвинителниот акт. - За секое дејствие кое е наведено во актот, за секој факт кој го тврдиме ќе изведеме докази. Материјалните ќе ги презентирам јавно, вербалните ќе ги слушнеме сите, и, на крај, верувам дека без никакво сомнение ќе се утврди фактичката состојба, кажа Стефанова во воведниот говор. Притоа, побара сите обвинети да бидат огласени за виновни за кривичните дела кои им се ставаат на товар и да биде конфискуван целиот имот кој е ставен во обвинителниот акт. По воведниот говор на обвинителката, поради правило на еднаквост на оружјата, одбраната упати предлог да им се дозволи да разгледаат докази, кои, според нив, беа споменати во воведниот говор на обвинителката, а не им биле дадени на увид претходно, по што судот одлучи да ја одложи расправата за 19 јули. Предметот го води судијата Илија Трпков, а обвинител во случајот е Лиле Стефанова. ар/ац/

Остани поврзан