• недела, 22 декември 2024

Гутереш пред средбата на Г20: Светското семејство е дисфункционално

Гутереш пред средбата на Г20: Светското семејство е дисфункционално

Делхи, 8 септември 2023 (МИА) - Светското семејство е нефункционално и изложено на ризик од конфликт во време кога се зголемуваат разликите меѓу земјите, изјави денеска генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

„Ако се гледаме себеси како глобално семејство, денес изгледаме како прилично дисфункционално“ семејство, изјави Гутереш пред новинарите во Делхи во пресрет на Самитот на Г20.

- Разликите се натрупуваат, тензиите енормно се зголемуваат  и довербата еродира, изјави генералниот секретар на ОН.

Г20 вклучува 19 од најголемите светски економии и Европската Унија, кои сочинуваат 85 отсто од светскиот БДП и две третини од населението на планетата. На претстојниот Самит, според аналитичарите, постои ризик дека нема да се дојде до потребните договори поради различните ставови на членките во однос на војната која Русија ја почна во Украина.

- Нашиот свет е во многу тежок момент на транзиција. Иднината е мултиполарна, но нашите мултилатерални институции се одраз на минато време, рече Гутереш.

- Светската финансиска архитектура е застарена, нефункционална и неправедна. Потребна е длабока структурна реформа - истото може да се каже и за Советот за безбедност на ОН,  истакна генералниот секретар на Светската организација.

Кинескиот претседател Си Џинпинг нема да учествува на состанокот на Г20 поради трговските и геополитичките тензии со САД и Индија. Рускиот претседател Владимир Путин исто така нема да присуствува на настанот во Делхи, а наместо него пристигна шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан