Гут-Бехрами и Одермат спортисти на годината во Швајцарија
- Скијачите Лара Гут – Бехрами, во женска и Марко Одермат во машка конкуренција се прогласени денеска за најдобри спортисти на Швајцарија во 2023 година.

Берн, 11 декември 2023 (МИА) – Скијачите Лара Гут – Бехрами, во женска и Марко Одермат во машка конкуренција се прогласени денеска за најдобри спортисти на Швајцарија во 2023 година.
За Гут – Бехрами ова е втора награда спортистка на годината, откако признанието прв пат го освои во 2016 година, а го заслужи со освоениот мал Кристален глобус во дисциплината супервелеслалом и со второто место во генералниот пласман во минатата сезона во алпско скијање.
Одермат, пак, трета година по ред е најдобар швајцарски спортист, оставајќи зад себе импресивна сезона во која ја одбрани титулата во Светскиот куп и ги освои малите Кристални глобуси во велеслалом и супервелеслалом, а на Светското првенство во Куршевел се закити со злато во велеслалом и спуст.
Спортистите на годината во Швајцарија традиционално ги избираат телевизиските гледачи, спортските новинари и самите спортисти. Одермат освои 49.3 отсто од гласовите, додека Гут – Бехрами 32.34 отсто. ег/
ФОТО: Икс