• недела, 24 ноември 2024

Грчки медиуми: Мицкоски инсистира на терминот Македонија

Грчки медиуми: Мицкоски инсистира на терминот Македонија

Атина, 1 ноември 2024 (МИА) – Ставовите на премиерот Христијан Мицкоски за употребата на придавката „македонски“ и терминот „Македонија“, изразени на вчерашната собраниска седница посветена на пратенички прашања, се најдоа во дел од онлајн изданијата на грчките медиуми, кои го пренесуваат текстот од државната новинска агенција АНА-МПА под наслов „Северна Македонија: Премиерот Мицкоски инсистира на терминот Македонија“, јави дописничката на МИА од Атина.

„Скопје: Напади од националистите кон Мицкоски, затоа што оди на одмор...на Халкидики“; „Нова провокација од Мицкоски: Договорот од Преспа не го забранува терминот Македонија“; „Инсистира на Македонија, Христијан Мицкоски“; „Северна Македонија: Нова провокација од премиерот Мицкоски – Повторно зборуваше за „Македонија“ и „Македонци“ се дел од насловите во медиумите во Грција кои ја презедоа веста од државната агенција.

АНА-МПА пишува дека Мицкоски истакнал дека „при секоја негова изјава и интервју досега земјата ја нарекува Македонија, а граѓаните Македонци“ и во целост пренесува дел од неговите ставови.

-Можам да ви кажам дека никаде во Договорот од Преспа не е забранета придавката „македонски“ или „Македонија“. Тоа е регулирано со член 7, став 2 и 3 од Договорот и конечно можеме да се согласиме дека и ние имаме право да ја користиме придавката „македонски“ како што и тие (во Грција) имаат исто право, изјави Христијан Мицкоски од говорницата на Собранието, одговарајќи во четвртокот попладне на соодветно прашање поставено од пратеникот и лидер на ултранационалистичката опозициска партија „Левица“, Димитар Апасиев, кој Мицкоски го нарече „северномакедонски премиер“ и го обвини дека додека во минатото отворено застана против Договорот од Преспа, сега вели дека го „почитува“, пишува АНА-МПА.

Во продолжение пренесен е ставот на Мицкоски дека Апасиев секој месец, како пратеник на Северна Македонија потпишува за да добие пратеничка плата, но ги споменува и меѓусебните обвинувања за летните одмори на Халкидики и изјавата на лидерот на Левица дека оди на Халкидики, бидејќи е средна класа.

АНА-МПА потсетува дека „националистичката левичарска партија Левица“ на последните парламентарни избори во Северна Македонија го зголеми рејтингот на околу седум отсто. ср/

Фото: Принскрин грчки медиуми

Остани поврзан