• понеделник, 23 декември 2024

Грчки медиуми: Мицкоски заклетвата ќе ја даде со уставното име

Грчки медиуми: Мицкоски заклетвата ќе ја даде со уставното име

Атина, 19 јуни 2024 (МИА) – Изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада Христијан Мицкоски поврзани со името, поднесениот предлог за новиот владин состав, како и гласањето во Собранието во текот на викендот, се во фокусот на онлајн изданијата на грчките медиуми, кои во главно, ги пренесуваат текстовите од државната агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Во текстот под наслов „Северна Македонија – Христијан Мицкоски: На заклетвата на Владата ќе го користам уставното име на земјата“, АНА-МПА пишува за вчерашното интервју на мандатарот за „Сител“ во кое „рече дека на инаугурацијата на неговата влада, за време на викендот ќе го користи уставното име на државата“.

-Истото име ќе го користи и во контактите во странство со странските лидери, како што рече.Но, во внатрешноста на земјата, како во јавните настапи, така и во изјавите ќе го користи името „Македонија“, бидејќи, како што самиот рече, името на неговата земја и татковина е „Македонија“, пишува грчката државна агенција.

Медиумите во Грција, како што е пракса во изминатиот период, акцентот го ставаат на (не)употребата на уставното име, па така, овој пат текстовите во онлајн изданијата се под насловите: „Северна Македонија: Христијан Мицкоски инсистира на терминот „Македонија“-за викендот новата Влада“; „Само во контактите со странските лидери, Мицкоски ќе го користи Северна Македонија“; „Мицкоски: Усно „Македонија“, писмено Северна Македонија“; „Мицкоски: Во странство ќе го користам уставното име, дома само „Македонија“; „Скопје: Мицкоски ја продолжува играта околу името на земјата“.

Паралелно, грчката новинската агенција во посебен текст се осврнува и на писмото на Мицкоски до претседателот на Собранието, во кое, како што пишува, „го користи уставното име на земјата“, пренесувајќи ја целата содржина, што исто така е објавено и во останатите медиуми во земјата.

Дополнително, медиумите информираат дека во текот на викендот ќе се одржи седницата за избор на новата Влада. ср/са/

Фото: принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан