• недела, 22 декември 2024

Грчкиот Парламент го изгласа законот за набавка на 18 воени авиони од Франција

Грчкиот Парламент го изгласа законот за набавка на 18 воени авиони од Франција
Атина, 15 јануари 2021 (МИА) – Со широко мнозинство и поддршка од владеачката Нова демократија и опозициските партии СИРИЗА, Движење за промена и Грчко решение, грчкиот Парламент го изгласа предлог законот за набавка на 18 воени авиони „Рафал“ од Франција , јави дописничката на МИА од Атина. Министерот за одбрана на Грција, Никос Панајотопулос, во неговиот говор од парламентарната говорница ги повика сите партии да гласаат за конкретниот закон што се однесува на договорите за набавка на воените авиони за преку пленарната седница на грчкиот парламент, „да се испрати силен сигнал во секоја насока дека Грција е решена да прави сѐ што е потребно за да ги одбрани своите суверени права, да се соочи со секоја провокација и безбедносна закана во поширокиот регион“. Грција ќе набави шест нови и 12 половни воени авиони, а вкупните трошоци се 2.49 милијарди евра и освен набавката, вклучуваат и трошоци за одржување, како и за набавка на опрема, односно оружје за самите авиони. Според грчките медиуми, кон крајот на месецов, во Атина ќе биде потпишан договорот за авионите со министерката за одбрана на Франција, а шесте половни авиони, на Грција би ѝ биле предадени  шест месеци по потпишувањето на договорот и ќе пристигнуваат по еден секој месец. ср/сд/

Остани поврзан