• понеделник, 16 декември 2024

Грчкиот Парламент го изгласа буџетот за 2025 година

Грчкиот Парламент го изгласа буџетот за 2025 година

Атина, 15 декември 2024 (МИА) – Со 158 гласа „за“, од кои 155 од владејачката Нова демократија и три од независни пратеници, грчкиот Парламент вечерва го изгласа буџетот за 2025 година со што и заврши петдневната расправа што започна во средата, јави дописничката на МИА од Атина.

Гласаа 299 од вкупно 300 пратеници, отсутен беше поранешниот премиер Андонис Самарас, кој неодамна беше избришан од Нова демократија, а против буџетот беа пратениците од сите опозициски партии.

Единствено трошоците предвидени за Министерството за одбрана добија широко мнозинство и беа изгласани од 258 пратеници.

Буџетот меѓу другото предвидува раст на економијата од 2,3 отсто, намалување на инфлацијата на 2,1 процент и намалување на невработеноста на 9,7 отсто.

На гласањето му претходеа говори на лидерите на партиите и на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој соопшти дека утре ќе биде во посета на Либан, што според него ја потврдува улогата на земјата во поширокиот регион и посочи дека „кога многу силни европски земји се ставени под надзор, грчката економија се надградува и нејзиниот буџет е одобрен од Европската комисија.

Претседателот на грчкиот Парламент Константинос Тасулас соопшти дека за време на петдневната расправа што траеше околу 68 часа, говореле 211 пратеници, меѓу кои и лидерите на деветте политички партии, а збор зеле вкупно 29 членови на Владата, од кои 22 се министри.

Изгласувањето на буџетот, во Грција традиционално, секоја година се смета како глас за доверба на актуелната Влада. ср/са/

Остани поврзан