• петок, 22 ноември 2024

Грчката претседателка бара итно и целосно расчистување на случајот со прислушувањата

Грчката претседателка бара итно и целосно расчистување на случајот со прислушувањата
Атина, 9 август 2022 (МИА) – Итно и целосно расчистување на случајот со телефонското следење, бара грчката претседателка Катерина Сакеларопулу која во писмената изјава вели дека „заштитата на приватноста на комуникацијата е основен услов на едно демократско и либерално општество“, јави дописничката на МИА од Атина. Сакеларопулу додава дека исклучокот предвиден со Уставот поради националната безбедност е поврзан со потребата да се заштити земјата, но потребно е толкувањето и спроведувањето „да биде во согласност со принципите на владеење на правото и пропорционалност.“ - Строгото почитување на законитоста и транспарентноста на државното дејствување не претставува само гаранција за индивидуалните права, туку и најклучниот показател за квалитетот на нашата демократија, вели грчката претседателка  и додава дека на тоа се базира довербата во државата. Таа истакнува дека случајот треба да се расчисти со воздржаност и придржување до парламентарните процедури и посочува дека почитувањето и одбраната на демократијата „ги надминува партиите, личностите и позициите“. ср/ми/

Остани поврзан