• понеделник, 01 јули 2024

Грчката кандидатура за непостојана членка на Советот за безбедност на ОН во фокусот на средбата Герапетритис-Гутереш

Грчката кандидатура за непостојана членка на Советот за безбедност на ОН во фокусот на средбата Герапетритис-Гутереш

Атина, 6 јуни 2024 (МИА) – Попладнево во салата на Генералното собрание на Обединетите нации ќе се одржи гласањето за избор на петте непостојани членки на Советот за безбедност за периодот 2025-2026 година, на кое ќе присуствува шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, со оглед на тоа дека Грција е една од земјите-кандидатки, а во Њујорк, министерот за надворешни работи се сретна со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, јави дописничката на МИА од Атина.

За грчката кандидатура, Герапетритис рече дека е „позиција која Грција се стреми да ја одржи енергично, да може да го обедини Северот со Југот, Истокот со Западот, за да се создаде глас на разумот, глас на меѓународното право во рамките на Организацијата на Обединетите нации, за да може да се слушне гласот на Грција“.

Дополнително, со Гутереш детално разговарале за главните теми што моментално се актуелни за Обединетите нации, за Блискиот Исток и Украина, но и за кипарското прашање.

За предлогот за прекин на огнот на Блискиот Исток рече дека е „предлог, што треба да се прифати“.

-Сите ќе работиме во оваа насока. Следната недела ќе има состанок на највисоко ниво во Аман, Јордан, на кој ќе присуствува и генералниот секретар. Грција секогаш ги нуди своите добри услуги, како билатерално, така и мултилатерално, во рамките на меѓународните организации. Треба да прекинат сите форми на агресија, рече Герапетритис.

Во однос на кипарското прашање го повторил ставот на Грција дека „двете страни треба да разговараат искрено и да разговараат за да може да се изгради меѓусебна доверба во рамките на одлуките донесени во Советот за безбедност на Обединетите нации“. ср/сд/

Фото: Министерство за надворешни работи на Грција

Остани поврзан