• понеделник, 23 декември 2024

Грчката Влада го објави новиот предлог- закон за легалните следења и за работата на Националната служба за разузнавање

Грчката Влада го објави новиот предлог- закон за легалните следења и за работата на Националната служба за разузнавање
Атина, 16 ноември 2022 (МИА) – Забрана за поседување и употреба на нелегални софтвери за прислушување; построги и посложени процедури за одобрување на легално следење на политичари; воведување нови сектори во Националната служба за разузнавање (ЕИП), зајакнување на кибер безбедноста, се дел од измените во предлог-законот на грчката Влада за ЕИП, јави дописничката на МИА од Атина. Новиот предлог закон од вчера е ставен на јавна дискусија и во следните шест дена, заклучно со 22 ноември, е отворен за предлози, коментари и сл. Според информациите од кабинетот на грчкиот премиер, целта на предлог-законот е да се модернизира процесот на укинување на доверливоста на комуникациите преку обезбедување на сите потребни гаранции, реструктуирање на ЕИП за подобрување на работата, криминален третман на тргувањето, поседувањето и користењето на софтвери за следење, зајакнување на кибер безбедноста во земјата итн. Една од главните промени, нешто што го најави и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис е забраната за поседување, трговија и употреба на нелегални софтвери за следење. Со предложените одредби, употреба на нелегален софтвер одново станува кривично дело, а поседувањето и трговијата стануваат прекршоци за кои е предвидена затворска казна од една до пет години. За забранетите софтвери во Грција, директорот на Националната служба за разузнавање (ЕИП) ќе објави листа откако законот ќе стапи во сила, а листата ќе биде јавна и ќе се ажурира секои шест месеци. За укинувањето на доверливоста на комуникациите, согласно член 19 од грчкиот Устав, може да се донесе одлука доколку во прашање е националната безбедност или доколку е потребно спроведување истрага за особено тешки кривични дела. Во првиот случај, со новиот предлог-закон, за легално прислушување, барање може да достави само ЕИП или секторот за борба со тероризам, наспроти досегашната пракса што дозволуваше доставување од која било државна институција. Барањето првично се одобрува од двајца обвинители од Националната служба за разузнавање, потоа од обвинител од Врховниот суд, а доколку станува збор за политичари, потребно е одобрение и од претседателот на Парламентот. Лицето кое било следено, доколку има основани сомневања, до 2021 година можеше да побара од Службата за обезбедување приватност на комуникациите, информација за прислушувањето, нешто што сега е укинато, а со предлог-законот одново се дава оваа можност, но подоцна лицето може да биде информирано за легалното прислушување три години откако ќе заврши. Предлог-законот предвидува и промени во работата на Националната служба за разузнавање (ЕИП), меѓу кои и дека директорот мора да биде или дипломат или пензиониран висок офицер, наспроти досегашните одредби според кои можеше да биде лице од јавниот или приватниот сектор. Дополнително, во ЕИП се воведуваат три нови сектори: Академија за информации и контраразузнавање; Единица за внатрешна ревизија и Прес служба. И со новиот предлог-закон, Националната служба за разузнавање (ЕИП) останува во надлежност на премиерот, нешто што беше одлучено во 2019 година, откако Нова демократија дојде на власт во Грција. ср/паг/

Остани поврзан