• среда, 07 јануари 2026

Грчката Влада в среда детално ќе ги објасни мерките за поддршка на земјоделците

Грчката Влада в среда детално ќе ги објасни мерките за поддршка на земјоделците

Атина, 5 јануари 2026 (МИА) – Во среда наутро Владата ќе ги соопшти, во суштина ќе ги прецизира мерките што веќе се најавени, со или без присуство на земјоделците, посочи портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, објаснувајќи дека нема да има дополнителни мерки, но и дека „повеќе не постои трпение“, јави дописничката на МИА од Атина.

Маринакис ги покани земјоделците да дојдат да разговараат за конкретните мерки, но и рече дека оние кои протестираат и блокираат се само мал дел, бидејќи се 4.000 – 5.000 трактори.

- Овие мерки се однесуваат на сите земјоделци, Владата е Влада за сите земјоделци и сточари, а не на едно малцинство што се наоѓа на блокадите и протестира. Сакам да бидам јасен, тоа се мерките и нема да постојат други. И мислам дека повеќе нема трпение. Може сите ги поддржуваат земјоделците, целото општество и сите сакаме земјоделците и сточарите да добијат повеќе, но колку што е економијата во можност согласно она што веќе го имаме кажано, но ние сме и Влада на сите Грци, на сите граѓани, објасни Маринакис.

На вчерашниот состанок на земјоделците од цела Грција, кои протестираат од 30 ноември, беше одлучен 48-часовна блокада, односно в четврток и петок да се блокира целата национална патна мрежа, споредните патишта и клучните патни правци во Грција, како и граничните премини. ср/ми/

Фото: Архива МИА

Остани поврзан