• недела, 22 декември 2024

Грузиската претседателка Зурабишвили ги осуди „длабоко вознемирувачките“ акти на насилство на парламентарните избори

Грузиската претседателка Зурабишвили ги осуди „длабоко вознемирувачките“ акти на насилство на парламентарните избори

Тбилиси, 26 октомври 2024 (МИА) - Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, чии прозападни позиции се разликуваат од оние на Владата, ги осуди „длабоко вознемирувачките“ акти на насилство на денешните парламентарни избори, кои се сметаат за одлучувачки за европската иднина на земјата, јавија светските агенции.

„Сакам да ги истакнам длабоко вознемирувачките случаи на насилство што се случуваат во различни изборни единици“, рече таа во пораката објавена на социјалните мрежи.

Централната изборна комисија (ЦИК) на Грузија соопшти за обид за манипулација за време на парламентарните избори, јави ДПА.

Според извештаите, маж фрлил неколку гласачки ливчиња на избирачко место во малиот град Марнеули на југоистокот на земјата, попречувајќи го гласањето. Комисијата соопшти дека резултатите во избирачкото место нема да се евидентираат.

Лидерот на најголемата опозициска партија, Обединетото национално движење, Тина Бокучкова рече дека провокацијата е организирана од владејачката партија „Грузиски сон“ бидејќи опозицијата ќе победи во оваа изборна единица.

„Веќе го идентификувавме провокаторот, кој е член на „Грузискиот сон“, но полицијата сè уште не го приведе“, рече Бокучкова.

Сепак, претставник на партијата „Грузиски сон“ ја обвини опозицијата, која, како што рече, му платила на човекот да ја спроведе акцијата за да ги прикаже изборите како нелегитимни.

Изборната комисија се уште не го објави идентитетот на мажот. МВР отвори кривична постапка, но засега не се споменува апсење.

Насилството избувна на повеќе избирачки места денеска во Грузија додека гласачите гласаа на клучните парламентарни избори во оваа јужнокавкаска земја, објави „Политико“.

Резултатите од изборите се очекуваат еден до два часа по затворањето на гласачките места во 20 часот по грузиско време. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан