• петок, 22 ноември 2024

Груби: Се сеќаваме на моментите од историјата што ги зближија народите да дејствуваат во служба на праведни цели за заштита на најскапоцената вредност - слободата

Груби: Се сеќаваме на моментите од историјата што ги зближија народите да дејствуваат во служба на праведни цели за заштита на најскапоцената вредност - слободата
Скопје, 11 октомври 2021 (МИА) - Делегација на Владата предводена од првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заедно со министерот за правда Бојан Маричиќ и министерката за култура Ирена Стефоска денеска присуствуваше на одбележувањето на 80 - годишнината од Денот на народното востание - 11 Октомври, што се одржаа на меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ во Скопје. Владината, како и другите делегации на претседателот на државата, на Собранието, на Град Скопје и на другите општествено-политички организации и институции, им оддадоа почит на сите кои го положија своите животи во народно-ослободителната војна и кои своите воени дејствија ги започнаа на 11 октомври во Прилеп и Куманово, и на кои потоа им се придружија и борците од Скопје и другите градови, соопшти владината прес-служба. Во обраќањето пред присутните Груби истакна дека денеска кога ја одбележуваме 80-годишнината од 11 Октомври - Денот на народното востание против тогашниот фашистички режим, се сеќаваме на моментите од историјата што ги зближија народите да дејствуваат во служба на праведни цели за заштита на најскапоцената вредност на секој народ - слободата. - Благодарение на таа одлучност и храброст, оваа земја ја преживеа заканувачката бура на отуѓување и продолжи по патот да стане она што е денес, земја со демократски вредности, каде што еднаквоста и соживотот се основа за гарантирана иднина за напредок и движењето во чекор со евроатлантските вредности. Осумдесет години подоцна стоиме повторно заедно кон големите цели, за квалитетен живот, социјалната и економската благосостојба, кои имаат иста вредност како и императивот да се зачува слободата во тоа време, рече Груби. Императив на денешната генерација, посочи, е да продолжиме да ја пишуваме историјата на успесите, исто како што во текот на овие две децении, го потпишавме Охридскиот рамковен договор, Договорот од Преспа и ја интегриравме земјата во структурите на НАТО. - Заедно, работејќи и здружувајќи ги силите, почитувајќи се и помагајќи се едни со други, ќе ги унапредиме процесите, ќе ги надминеме предизвиците и ќе ја однесеме нашата земја, таму каде што припаѓа, во Европската Унија, додаде Груби. Потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски во своето обраќање истакна дека со храбриот и пожртвуван чин на борците од народно-ослободителната војна направија вистинскиот избор кога застанаа на исправната страна со која ја одредија и судбината на народот и иднината на државата. - Со тој избор нашите претходници ни оставија завет да останеме доследни на нивната верба за правда, еднаквост и човечност, со кои успеаја да го обединат и поведат народот во народно-ослободителната војна, а народот беше и тогаш како што е и сега, сплет на сите етнички заедници во земјава, на сите вери, култури, јазици и социјални статуси и благодарение токму на тоа внатрешно единство на народот, се разбира и во соработка со клучните земји во антифашистичкиот сојуз, се изборија за слобода и потоа градењето на државноста, нагласи Мисовски. Тој додаде дека денес народот на Северна Македонија има сила, има волја, решителност и визија да го изоди патот на евроатланската интеграција и да градиме стабилна и безбедна иднина за државата, да градиме општество еднакво за сите ние, сега и во иднина. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во обраќањето подвлече дека ако не беше 11 Октомври, ќе го немавме ни 2 Август ’44, а можеби ни 8 Септември ’91. Тој ден, посочи, означи Македонија да не биде квинслишка територија, туку напротив, жестоко упориште против фашистичкиот окупатор. - Со мудроста на македонското водство, единството на нашите народи и силата на нашето оружје го победивме фашизмот. За нашата слобода се изборивме сами, сами ги изградивме Скопје и Северна Македонија како суверена држава на единствени и горди народи, и никому, ама баш никогаш нема да дозволиме да ја чепне нашата држава, нашата тешко стекната, со крвта на нашите антифашисти платена слобода. Заедништвото на нашите луѓе, скопјани, Македонци, Албанци денеска ни е попотребно од кога и да било, претходно. Скопје е град на заедништвото, кој само заради слогата со која живееме, денес се претвора во модерна европска престолнина. И тоа е нашата најголема сила, баш како во времињата кога знаевме да се спротивставиме на окупацијата и фашистичкото зло, денеска се бориме за силно Скопје на горди луѓе, денес се бориме за европско Скопје, се бориме за силна Северна Македонија на нејзините горди граѓани, додаде Шилегов. Потпретседателката на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945, Елена Ј. Грујовска потсети дека пред 80 години македонскиот народ организирано застана на страната на прогресивниот антифашистички свет и со пушка в рака се избори за своја слобода, за самостојност и самобитност, за признат кодифициран македонски јазик. - Македонскиот народ самостојно се избори за својата слобода. Минатите децении претставуваат континуитет на напредните и демократските пориви на нашиот народ. Остануваме заедно со напредниот свет во НАТО и ЕУ затоа што таму се почитуваат индивидуалните и националните права. Затоа што таму слободно можеме да кажеме: Ние сме Македонци со свое минато, сегашност и иднина. Ние сме држава во која се почитуваат правата и слободите на сите граѓани без оглед на националната и верската припадност. Како Сојуз на борците од НОВ со продолжувачите, ги поддржуваме сите храбри чекори и дипломатските и другите заложби за напредок, за европска и напредна држава, рече Грујовска. рп/ац/

Остани поврзан