• сабота, 21 декември 2024

Грковска: Немаме друга алтернатива освен дигитална трансформација на општеството

Грковска: Немаме друга алтернатива освен дигитална трансформација на општеството
Скопје, 28 јуни 2022 (МИА) - Дигитализацијата на јавните услуги е предуслов за да изградиме транспарентни и одговорни институции. Немаме друга алтернатива освен дигитална трансформација на општеството, истакна Славица Грковска, заменичка на претседателот на Владата задолженa за политики за добро владеење на денешниот онлајн настан Дијалози за Дигитална агенда: Дигитална агенда за граѓаните - Дигитализација и дигитална трансформација за поефикасна администрација. Нејзината заложба, како што нагласи, е значително да се зголеми опсегот на електронски услуги со што ќе се зголеми ефикасноста на институциите. - Со дигитализацијата, јавните институции стануваат и поквалитетни и побрзи, значително се намалува времето потребно да се завршат административните постапки, а со тоа јавната администрација и институциите стануваат поефикасни. Станува збор за процес, односно огромна база на податоци која е потребно да се дигитализира, истакна Грковска, додавајќи дека е важно е да се премостат проблемите кои наидуваат на тој план. Од тој аспект, како што додаде, во соработка со УСАИД направиле мапирање на состојбите во повеќе сектори - правосудство, социјална заштита, здравство, со цел да се олеснат административните постапки на граѓаните и да не бидат доведени во ситуација да бараат документи кои институцијата сама по себе би требало да ги обезбеди. - Утврдивме дека многу често институциите кои се иматели на некои документи и податоци бараат од граѓаните сами да им ги доставуваат истите податоци, како извод од матична книга за родени, извод од венчани, односно ги препраќаат. Секогаш ќе има пропусти, но ги повикувам сите кои ќе бидат соочени со фактот да им се побара ваков документ од еден на друг шалтер да јават во нашиот Кабинет, рече Грковска нагласувајќи дека таквиот проблем е отстранет како барање од Управата за водење матични книги и нема потреба таквите документи да се бараат од граѓаните. Таа нагласува дека таквата пракса едноставно мора да се напушти и потенцира оти институциите се должни сами да ги обезбедуваат документите доколку ги поседуваат, а доколку не, по службена должност треба да ги побараат. Со тоа, како што додаде, ќе се намалат дополнителните трошоци на граѓаните, но ќе се скрати и времето за добивање на услугата. - Предуслов за ефикасна дигитална трансформација на општеството е поседување и воспоставување електронска лична карта која ќе овозможи електронска идентификација и потпис. Треба да воведеме систем кој ќе влева доверба во граѓаните дека податоците што ги користат и даваат преку дигитализираните услуги се безбедни и дека нема никој да ги злоупотреби, потенцира Грковска. Според нејзе потребна е активна вклученост и посветеност на сите институции, како и на сите вработени во администрацијата. И проф. д-р. Боро Јакимовски, декан на Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство нагласи дека треба да се зголеми користењето на дигиталните документи со што дигиталните услуги ќе станат подостапни за граѓаните. Според него важна е соработката за напредокот на дигитализацијата во општеството, а Факултетот, како што рече, останува отворен за соработка се со цел продуцурање што е можно повеќе кадар за потребите на општеството. Настанот се одржува во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA“ кој е кофинансиран од Европската Унија и се спроведува во шест држави (Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Естонија), а е во организација на Фондацијата Метаморфозис. мс/са/  

Остани поврзан