Гренхолм: Борбата против климатските промени за нашата генерација е лет до Месечината
- За можностите кои се укажуваат, минстерката за енергетика на САД, Џенифер Гренхолм истакна дека преминот кон енергија исчистена од фосилни горива и штетни гасови може до 2030 година да го зај
Вашингтон, 23 април 2021 (МИА) - Покрај претседателот Џо Бајден, денеска на вториот и последен ден на Светскиот самит за климата учествуваа и повеќе американски министри и стопанственици.
За можностите кои се укажуваат, минстерката за енергетика на САД, Џенифер Гренхолм истакна дека преминот кон енергија исчистена од фосилни горива и штетни гасови може до 2030 година да го зајакне американскиот пазар до 23 трилиони долари.
- За нашата генерација, борбата со климатските промени се споредува со лет до Месечината, изјави таа.
Зборуваше за новите вработувања и инвестиции во еколошки чисти технологии како прочистување и складирање на јаглерод, производство на сончеви акумулатори и автомобили на електричен погон. На петтата сесија главно се разгледуваа технолошки прашања.
Дводневниот онлајн самит со учество на десеттина шефови на држави беше организиран од Бајден со посебна цел да објави дека САД се враќаат на масата за преговори за прашања поврзани со климатските промени, напуштени од неговиот претходник Доналд Трамп.
Трамп во 2017 година се повлече од Парискиот климатски договор за намалување на загадувањето со штетни гасови и запирање на климатските промени. Бајден вчера вети нова цел за намалување на штетните гасови за 50 до 52 процента до 2030 година. Неговата посветеност е најамбициозната климатска цел на САД досега, речиси двојно повеќе отколку што администрацијата на Обама вети дека ќе ги исполни во Парискиот договор.
Во Белата куќа денеска тој им се придружи на лидерите на деловните и синдикалните организации во промовирање на економските придобивки од решавањето на глобалното затоплување.
- Кога инвестираме во климата и инфраструктурата, создаваме можности за сите, рече Бајден.
Побара од лидерите на деловните и синдикалните организации да го промовираат неговиот план за намалување на зависноста на американската економија од фосилни горива со инвестирање трилиони долари во чиста енергетска технологија, истражување и инфраструктура, истовремено спасувајќи ја планетата.
- Не можеме да ги победиме климатските промени без нови инвестиции. Мораме да сториме повеќе и побрзо да ги намалиме емисиите, изјави Мајкл Блумберг, милијардер и поранешен градоначалник на Њујорк. кб/гт/