• четврток, 21 ноември 2024

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски доби благодарница за посебен придонес кон лицата со попреченост

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски доби благодарница за посебен придонес кон лицата со попреченост

Скопје, 8 ноември 2024

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес доби значајно признание. Од страна на Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Македонија, му беше доделена благодарница за посебен придонес во развојот на едукацијата и рехабилитацијата на лицата со попреченост.

-Дозволете ми да го изразам моето искрено задоволство и чест што денес ја примам оваа благодарница во име на Општина Кисела Вода, на оваа значајна конференција која одбележува 75 години на организирана едукација, рехабилитација и вработување на лица со попреченост во нашата земја. Вашето признание е потврда дека посветената работа и вложените напори се вреднувани и забележани. Ова признание ја носи со себе не само мојата лична гордост, туку и гордоста на целата Општина Кисела Вода и нејзината посветеност кон ранливите категории на граѓани, особено децата и лицата со пречки во развојот. Кисела Вода е препознатлива како општина која активно вложува и работи на создавање подобри услови за живеење на овие категории. Горди сме што реализиравме низа проекти и мерки кои го подобрија секојдневието на лицата со попреченост. Меѓу најзначајните иницијативи е отворањето на дневниот окупационен центар, во соработка со невладината организација “Крик”. Обезбедивме и простор за дневни активности за Здружението за деца со церебрална парализа, при што сите трошоци се покриени од сопствени средства. Секоја година ја збогатуваме библиотеката на децата со оштетен вид од ДУРМДОВ “Димитар Влахов” со книги напишани со Брајово писмо. Децата со попреченост активно учествуваат и во сите наши настани од културата. Секоја година, под наше покровителство, се одржува неколкудневен фестивал на инклузија со цел подигнување на свеста за ова општествено прашање. Во основните училишта во општината, опремивме сензорни соби, со што овозможивме учениците со различни потреби да ја добијат потребната поддршка. Во зградата на општината обележавме патеки за слепи лица, што сведочи за нашата решителност за создавање инклузивно општинско опкружување. Посебно сум горд на фактот што во општинската администрација имаме вработено лица со Даунов синдром и со попречен вид. Ова е пример за вистинска инклузија и докажува дека сите заслужуваат еднаква шанса и еднакво придонесуваат кон општеството, истакнаЃорѓиевски во своето обраќање.

Информираше дека годинава, за прв пат, со  поддршка од него и од Општина Кисела Вода, беше реализирана инклузивната претстава „Малиот принц“, каде што учествуваа лица со церебрална парализа, а оваа година Кисела Вода беше и  домаќин на логопедско-дефектолошкиот конгрес. 

-Општина Кисела Вода интензивно работи на овој план, што ни овозможува да се истакнеме како водечка општина во поддршката на лицата со попреченост. Оваа благодарница за нас значи потврда дека патот кој го одиме е правилен. Ние не застануваме тука. Продолжуваме да соработуваме со институциите, невладините организации и сите заинтересирани страни за подобра иднина на лицата со попреченост. Досега имаме бројни предавања, трибина со Македонското научно здружение за аутизам. Од септември на наша територија, во соработка со “Гаспар” центарот, функционира и дневен центар за бесплатни индивидуални логопедски и психолошки третмани, кој е првиот лиценциран на територија на Кисела Вода. Во тек ни е соработка со УКИМ, поточно со Филозофскиот факултет, одделот на специјална едукација и рехабилитација каде што ќе има соработка и пракса со студентите, при што ќе се искористат максимално сензорните соби кои ги имаме и кои се целосно опремени. Продолжуваме да вложуваме во инклузија и развој, за секое дете и секој човек да имаат поддршка и можности за подобар живот. Благодарам уште еднаш за признанието. Ова е наше заедничко достигнување е поттик да продолжиме да градиме посилна и поинклузивна заедница, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

 

 Општина Кисела Вода

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан