Градоначалникот на Карбинци ги прими членовите на Борачкиот клуб „Киро Ристов“ по големиот успех на Државното првенство за пионери и младинци
- Градоначалникот на општина Карбинци, Виктор Паунов, денеска ги прими борачите и борачките од Борачкиот клуб (БК) „Киро Ристов“ бидејќи забележаа големи резултати на Државното првенство за пионери и младинци, кое се одржуваше во Штип. Паунов на денешната прес-конференција рече дека Општината ќе продолжи со поддршката и во иднина со цел уште поголеми успеси.
Карбинци, 2 февруари 2026 (МИА) - Градоначалникот на општина Карбинци, Виктор Паунов, денеска ги прими борачите и борачките од Борачкиот клуб (БК) „Киро Ристов“ бидејќи забележаа големи резултати на Државното првенство за пионери и младинци, кое се одржуваше во Штип. Пионерките постигнаа историски успех, при што го освоија првото место во екипна конкуренција, во поединечна конкуренција во своите категории Леа Тасевска и Софија Велинова ги освоија првите места, а Мелани Пановa го освои второто место. Во машка конкуренција пионери: Павел Митев, Наум Крстев и Милан Андов ги освоија третите места. На Државното првенство во борење слободен стил за младинци, односно У-20 во женска конкуренција, Викторија Спасовска го освои второто место, а Ангела Глигорова третото место. Во машка конкуренција Стефан Стоилков го освои третото место.
Паунов на денешната прес-конференција рече дека Општината ќе продолжи со поддршката и во иднина со цел уште поголеми успеси.
- Искрено сум задоволен и се гордеам на постигнатите резултати на клубот, кој своевремено заеднички го формиравме и го поддржуваме до ден-денес во целост како Општина, пред сè, во рамките на своите можности. Овие резултати навистина нè прават дополнително горди и чест ми е што можеме да кажеме дека еден мал клуб од една мала општина има вакви престижни награди, пред сè, на државно ниво, но и многу успеси и на индивидуален план, кои ги постигнаа во изминатиот период. Му честитам на раководството, им честитам на успешните натпреварувачи, кои беа дел од од оваа натпреварување - рече Паунов.
Тренерот Трајче Димков истакна дека овие резултати за клубот се историски, но и обврска во иднина за уште поголеми резултати.
Тој најави дека спортистите на БК „Киро Ристов“ веќе се насочуваат кон другите предизвици. Следната недела клубот ќе настапи на две првенства во Штип за борачи до 17 години и до 23 години, потоа доаѓа и сениорското првенство, а спортистите ќе се спремаат и за меѓународните натпревари. вдј/вј/
Фото: Општина Карбинци