• понеделник, 23 декември 2024

Градежни активности во штипската населба Сењак

Градежни активности во штипската населба Сењак

Штип, 19 август 2024 (МИА) - Почна уредувањето на просторот пред станбените згради помеѓу улиците „Борис Крајгер“ и „Џемал Бједиќ“ во штипската населба Сењак. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска изјави дека уредувањето ќе се одвива во две фази. Во првата фаза партерно ќе се уредуваат влезовите пред станбените згради, а во втора фаза ќе се работи на просторот околу станбените згради кој со години беше заборавен, полн со ѓубре. Најголем процент од заборавениот простор ќе биде искористен за паркинг места, но ќе се поставува и урбана опрема.

Јорданов посочи дека овој инфраструктурен проект чини околу три милиони денари, а просторот кој ќе се уредува зафаќа површина повеќе од три илјади метри квадратни. Истата површина целосно ќе биде искористена, осветлена и уредена за користење од страна на жителите во населба Сењак бидејќи во непосредна близина се наоѓа ОУ „Димитар Влахов“.

Тој апелира до сите жители кои имаат времени објекти да бидат отстранети за површината да се уреди во интерес на граѓаните.

-До станарите што имаат времени објекти да ги отстранат затоа што сето ова за да се направи пред сè ќе биде во нивен интерес. Затоа што ова површина која со години наназад не била искористена и заборавена сметаме дека треба да биде соодветно урбанизирана и уредена и да служи не само на станарите, туку и на жителите од населба Сењак и имајќи предвид дека овде се наоѓа училиштето „Димитар Влахов“ потребата од времен паркинг простор за сите дечиња и родителите кои ги донесуваат на училиште, изјави Јорданов

Во тек е градежната сезона во Штип и веќе се работи на улиците „Широк дол“, „Ванчо Прќе“, кружниот тек кај паркот Кртеќе, доизградба на булеварот „Партизанска“. вдј/ир

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан