Гофус: Нема напредок кон деескалација на Косово, пад во соработката со Приштина
- Помошникот генерален секретар на НАТО, Томас Гофус денеска изјави дека во Косово нема напредок кога станува збор за деескалација на ситуацијата, пренесе Еуроњуз на српски јазик.
Приштина, 5 јули 2023 (МИА) – Помошникот генерален секретар на НАТО, Томас Гофус денеска изјави дека во Косово нема напредок кога станува збор за деескалација на ситуацијата, пренесе Еуроњуз на српски јазик.
- Тоа ја загрозува безбедноста на сите луѓе на Косово, како и на персоналот на НАТО, изјави Томас Гофус пред група новинари во Приштина.
Тој изјави дека Белград и Приштина не ги послушале меѓународните повици да преземат чекори за деескалација на тензиите.
Гофус додаде дека има пад на „практичната и политичката соработка со Косово“.
- Тоа е спротивно на евроатлантските аспирации на косовскиот народ, истакна американскиот функционер.
Тој нагласи дека, по руската инвазија врз Украина, „никој не треба да ризикува нов конфликт во Европа што ќе ги поткопа мирот и стабилноста стекнати со толку многу жртви“.
Гофус рече дека 93 војници на мисијата КФОР биле повредени за време на конфликтот со српските демонстранти, од кои некои потешко.
- Тоа е апсолутно неприфатливо и не смее да се повтори. НАТО јасно ѝ стави до знаење и на српската Влада, рече тој.
За време на протестот беа се повредени и 52 Срби, потсетува Еуроњуз. јт/
Фото: МИА архива