• понеделник, 18 ноември 2024

Гори букова шума над Горно Јаболчиште во oпштина Чашка

Гори букова шума над Горно Јаболчиште во oпштина Чашка

Велес, 16 април 2024 (МИА) - Пожар избувнал синоќа во 23 часот на отворен простор кај селото Горно Јаболчиште во општина Чашка, гори букова шума, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Оттаму веднаш пратиле известување до ЈП „Национални шуми“ подружница „Бабуна“ од Велес, од каде што добиле одговор дека ќе упатат вработени кон пожарот за да го гаснат.

Според податоците на ЦУК, имало вкупно 22 евидентирани пожари на отворен простор во изминатото деноноќие. Од нив, утрово осум сѐ уште се активни.

Пожарот над село Селце, што гори од 11 април, сѐ уште е активен и покрај тоа што на терен гаснеле два хеликоптера од МВР и ренџерите од Национален парк „Шар Планина“ со 10 лица, а и четири пожарникари од ТППЕ - Тетово.

- Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов вчера беше и на терен. Нема опасност за соседното селото Лавце. Пожарот е далеку и од други објекти или населени места. Хеликоптерите престанаа со гасење по 16 часот, а и повеќето од луѓето беа повлечени. На терен останаа дежурни неколку ренџери од Национален парк „Шар Планина“, кои дежураат за секој случај. Повторно екипите интервенираат од утрово. Активни пожари има во село Гургурница, општина Брвеница, помеѓу селата Сретково и Церово, кај одморалиштето „Бунец“, општина Маврово - Ростуше, а и кај селото Горјане, општина Врапчиште, информираат од ЦУК.

Според Регионалниот ЦУК - Скопје, вчера во 11.12 часот имало пријава за пожар во месноста „Темна Бука“, кон Китка, Кадина река 2 во општина Студеничани, се додава во соопштението, каде што гори многу високостеблена борова шума.

- Екипите  од ЈП Национални шуми подружница - „Караџица“, вчера известиле дека се на терен и дека интервенираат, а во 07.45 часот добиле пријава за пожар во село Црвена Вода, општина Студеничани, каде што вработени од подружницата „Караџица“ не интервенирале, заради тоа што за истиот оцениле дека „се задишувал“ и не постоела опасност од него, појаснуваат од ЦУК.

Регионалниот ЦУК Битола пак, информира дека активен е пожарот над селото Острец, на Баба Планина, што започнал во седум часот на 14 април.

- Пожарот е на непристапен терен и не било во можност да интервенираат. Гори сува трева, лисја и гранки и нема опасност по населени места и Националниот парк „Пелистер“, пишува во соопштението.

Во ЦУК имало вкупно 1.998 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи - 112 во последното деноноќие.

- Кон полиција биле упатени 61,22 отсто, кон Итната медицинска помош 29,17 проценти, кон пожарникарите 8,33 отсто, а кон АМСМ  0,32 проценти од реалните повици кон 112 во ЦУК, се додава во соопштението. ад/бд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан