• петок, 05 декември 2025

Голем интерес за упис во десетте објекти на кумановската градинка

Голем интерес за упис во десетте објекти на кумановската градинка

Куманово, 1 јули 2025 (МИА) - Кумановската градинка прими 260 деца, откако над 360 се запишаа во прво одделение, соопштија на денешната прес-конференција, надлежните од детската градинка „Ангел Шајче“. Секоја година има огромен интерес за упис во десетте објекти на градинката, бидејќи Куманово е општина со најголем број на жители.

- Интересот е голем. Капацитетот на нашата градинка е 1.174 деца, но, со преадаптација на просторот, максимален број што можеме да ги примиме во моментот е 1.550. Меѓутоа, поради зголемен број на пријави и интерес на родителите, за да излеземе во пресрет на родителите и децата, побарана е согласност од Општина Куманово за зголемен капацитет, изјави директорката на градинката, Наташа Ќосовиќ Томовска.

Според анализите на службата на градинката, во установата се запишани над 1.700 деца, но, дневната присутност поради отсуство на децата се движи до 1.500. Градинката започна со прифаќање нови деца, а родителите ќе бидат навремено известени за статусот на нивните пријави. Нов прием е предвиден и во август, со оглед на тоа што бројката на деца во школските групи постојано варира.

- Одлуката за проширување не е донесена набрзина, туку е резултат на темелна анализа на претходниот период. Се водевме спрема статистика и аналитички податоци што ги имавме од минатиот период. Беа запишувани некаде над 1.700 деца, но, дневна присутност на деца го исполнува постоечкиот капацитет. Така што, на таа основа се држиме до тие наши податоци, да можеме да запишеме што поголем број на деца, изјави Ќосовиќ Томовска.

При запишувањето на децата, од градинката потенцираат на строгото почитување на здравствените протоколи. Директорката апелираше родителите детално да ги прочитаат договорите при упис, каде јасно се наведени потребните документи, меѓу кои и вакциналниот картон како задолжителен услов.

„Ангел Шајче“ има 62 групи на деца распоредени во десет објекти - осум градинки и два центри за ран детски развој.

Општина Куманово информираше дека на вториот владин повик ќе аплицира за изградба на нова градинка во населбата „Зелен Рид“. Според проекциите на јавното претпријатие „Куманово план“, вкупната површина во граници на проектниот опфат е 4.797 метри квадратни. Предвидено е опфатот да биде 382 деца, да има десет занимални, простории за деца, административни простории, простор за игра, патеки, градинката ќе биде најголема во Куманово. ам/бд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан