Голем интерес за стручно образование во Струга
- Интересот за стручно образование во струшките средни училишта од година во година расте, потврди директорката на средното општинско училиште „Нико Нестор“, Кети Јанкоска.
Струга, 18 септември 2023 (МИА) - Интересот за стручно образование во струшките средни училишта од година во година расте, потврди директорката на средното општинско училиште „Нико Нестор“, Кети Јанкоска.
На седумте струки во училиштето се запишале 400 ученици, кои наставата ќе ја следат на македонски и албански наставен јазик. Новитет годинава, според Јанкоска, е отварањето на нова, трета дуална паралелка за економски техничар, додека до лани дуални образование имале можност да следат учениците кои учат за прехранбен и текстилен течничар.
- Се трудиме што повеќе да ја продлабочиме соработката со сите компани во Струга и стуршко со цел по четиригодишното образование на фирмите да им понудиме стручен кадар, вели Јанкоска.
Најголем интерес, нагласи, годинава имало за архитектонски техничар, каде за 34 места конкурирале 65 ученици, сите со одличен и многу добар успех.
- Интересот за стручното образование од година во година во нашето училиште расте. Вратите ги отворивме за сите ученици, кои годинаваа сакаа да го изберат ова училиште односно се одлучија за стручно образование, истакна директорката Јанкоска.
Во струшкото училиште „Нико Нестор“ покрај од Струга и околината настава посетуваат и ученици од Охрид и Дебар, а во угостителската паралелка на албански јазик имало и од Прилеп и Велес. Учениците изучуваат една од насоките: градежно-геодетски, хемиско-лабараториски, прехранбен, економски и електро техничар, медицинска сестра, а од оваа година и гинеколошко-акушерска сестра. Во албанската настава дополнително има и угостителски техничар, односно готвач. сс/мч/
фото: МИА