Голем интерес во Пелагонија за инвестиции со државна помош во земјоделството
- Агенцијата за поттикнување и поддршка во развојот на земјоделството (АПРЗ) регистрира голем интерес од страна на земјоделците во Пелагонија за користење на државна помош за инвестиции во земјоделството.
Битола, 9 јули 2025 (МИА) - Агенцијата за поттикнување и поддршка во развојот на земјоделството (АПРЗ) регистрира голем интерес од страна на земјоделците во Пелагонија за користење на државна помош за инвестиции во земјоделството.
Во изјава за МИА, директорот на АПРЗ, Пеце Стојковски истакна дека на два денови пред истекот за рокот за пријавување, евидентирани се над 3000 апликанти.
-Како што е познато од Националната програма за рурален развој беа објавени неколку јавни повици инвестиции во земјоделството. Повици се однесуваат на инвестиции за модернизација на земјоделски стопанства, за набавка на приклучна механизација, инвестиции во опрема за производство на храна од животинско и неживотинско потекло од мал обем и инвестиции во опрема за производство на вино, алкохолни пијалоци и пиво од мал обем, кои се во тек и еден повик за набавка на трактори кој заврши на 7 јули. Интересот е голем, пријавени се над 3000 земјоделци, но со оглед дека некои апликанти по навика го чекаат последниот ден, може да се очекува до 11 јули кога јавниот повик се затвора, да се пријават и други заинтересирани лица, потврди Стојковски.
Во процесот на подготовка на документацијата, за условите, висината на финансиската помош и начинот за поднесување барања помагаа советници од Агенцијата за поддршка во развојот на земјоделството со седиште во Битола.
Како што е познато, финансиската поддршка се доделува во вид на неповратни грантови до 600.000 денари, а право на аплицирање имаат земјоделски стопанства регистрирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС) кој се води во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. мт/дма/
Фото: МИА