• недела, 22 декември 2024

Големиот пожар во Шенѓин ставен под контрола, плажите празни

Големиот пожар во Шенѓин ставен под контрола, плажите празни

Тирана, 31 јули 2024 (МИА) - Големиот пожар во познатото албанско летувалиште Шенѓин е ставен под конрола, но по вчерашната апокалипса плажите се празни.

Локалните власти упатија апел дека нема повеќе место за паника.

- Многу летувалци ги фати паника, па поради психички оптоварувања си заминаа. Сосема е нормално кога се гледа пламен. Но, сега нема причина да се плашат, порача Пјерин Ндреу, претседател на округот Лежа, каде територијално припаѓа пристанишниот град Шенѓин.

Пораката тој ја упати од Шенѓин каде вчера пожарот доби големи размери поради што голем број туристи го напуштија местото, а локалните жители беа евакуирани.

- Материјалната штета е огромна, посебно за животната средина, но за среќа нема настрадани.  Жителите се вратија во своите домови. Многу силниот ветер предизвика проширување на зафатената површина, нагласи Ндреу.

Според него, „изненадувачки е што во  2 часот по полноќ имавме уште четири пожари“.

-Тие се аларм дека ова треба сериозно да се разгледа. Дејствувавме брзо и ги ставивме под контрола сите пожари, а дел се локализирани. Но, треба подлабоко да погледнеме што се случува со пожарите. Ништо не исклучувам, рече Ндреу

На прашањето  дали овие пожари се поврзани со имотни конфликти или со изградба на нови одморалишта, Пјерин Ндреу одговори: „Воопшто нема врска. Овде воопшто нема дозволи за одморалиште и нема конфликти за имот“.

За разлика од него се погласни се сомневањата дека боровата шума над Шенѓин се потпалува за да се „ослободи простор за изградба на сместувачки капацитети", како што тоа се случило претходно.

Инаку во гаснењето на пожарот вклучени биле два авиона од Италија, полициски и армиски хеликоптери, над 300 припадници на армијата, над 150 од полицијата, противпожарни единици од повеќе градови, како и локалното население.

Освен големата шумска површина со бор, опожарени се неколку објекти, кафулиња и чадори за сонце и лежалки. 

Поради големиот број пожари во земјата побарана е помош и од Словенија. вт/сд/

 

Фото принтскрин

 

Остани поврзан