Глобална иницијатива GI-TOC: Србија е на четвртото место во Европа по организиран криминал, клучни се „државни актери“
- Само Русија, Украина и Италија се полоши од Србија
Белград, 11 ноември 2025 (МИА) - Србија е рангирана на четврто место по криминал од 44 европски земји во индексот објавен од Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (GI-TOC), организација на граѓанското општество со седиште во Женева.
Само Русија, Украина и Италија се полоши од Србија, објавија белградски медиуми.
Глобалниот индекс на организиран криминал ги проценува нивоата на криминал и отпорноста на организираниот криминал за 193 земји врз основа на три клучни столба - криминални пазари, криминални актери и отпорност.
Иако Србија е рангирана високо во однос на криминалот, таа е рангирана ниско во однос на отпорноста - на 35-то место од 44 европски земји.Набљудувано на светско ниво, Србија е на 47-мо место од 193 земји во индексот на криминал, односно на 91-во место во индексот на отпорност.
„Државните актери играат клучна улога во организираниот криминален пејзаж на Србија, каде што политичките елити наводно влијаат на клучните криминални пазари“, според извештајот на GI-TOC за Србија.
Извештаите покажуваат дека делови од владата и органите за спроведување на законот се соучесници во принудна работа, трговија со луѓе за сексуална експлоатација и шверц со оружје во големи размери, со минимална одговорност за вклучените.
Како што е наведено, корупцијата во државните институции ги олеснува нелегалните финансиски трансакции и ги штити криминалните претпријатија, а високите функционери се поврзани со озлогласени личности од организираниот криминал.
Пријавена е и документирана соработка помеѓу бандите за шверц на луѓе и српската гранична полиција, а мрежите на организиран криминал наводно се користат за заплашување на политичките противници и манипулирање со изборните процеси.
Постојат државни шеми за изнудување насочени кон приватни бизниси, а посредници поврзани со владата наводно го контролираат пристапот до јавни договори, лиценци и основни комунални услуги во замена за политичка лојалност или финансиски поткуп, се вели во извештајот.
Се додава дека странските криминални актери не ги контролираат директно криминалните пазари на Србија, туку вршат значително влијание преку транснационални мрежи.
Се вели дека руски и турски актери се поврзани и со нелегални финансиски текови и шверц преку економски и политички канали.
Покрај тоа, растечките врски на Србија со Русија, Кина и земјите од Заливот предизвикаа загриженост во врска со транспарентноста на странските инвестиции и инфраструктурните проекти, на кои честопати им недостасуваат конкурентни понуди и јасен надзор, поттикнувајќи сомневања за корупција, се вели во извештајот.
Српскиот приватен сектор е длабоко испреплетен со организираниот криминал, бидејќи големите компании често работат под влијание на високи политички личности, според авторите.
Во образложението се додава дека корупцијата во владините агенции им овозможува на бизнисите да стекнуваат владини средства по цени пониски од пазарните, додека неформалните плаќања во готово им обезбедуваат на политичарите пристап до основни услуги и регулаторни одобренија.
Индустриите како што се градежништвото, тргувањето со криптовалути и коцкањето служат како примарни средства за перење пари, а криминалните мрежи ги искористуваат овие сектори за да интегрираат нелегални профити во легитимната економија, се наведува во извештајот на GI-TOC.
Во исто време, државната администрација во Србија се карактеризира со политичка централизација и ограничена транспарентност, со постојани загрижености за интегритетот на изборите и одговорноста на владата, се вели во извештајот на GI-TOC.
„Владејачката партија врши значително влијание врз јавните институции, медиумите и изборниот процес, што придонесува за загриженост за демократското управување. Иако се спроведени уставни реформи за зајакнување на независноста на судството, остануваат загриженостите за политичкото влијание врз клучните назначувања. Корупцијата продолжува да го поткопува управувањето, а извештаите укажуваат на постоење на врски меѓу одредени политички личности и мрежи на организиран криминал.“
„Политичката елита има речиси неограничена моќ, а демократијата е во опаѓање поради централизиран, неинклузивен и нетранспарентен процес на донесување одлуки што го отежнува законодавниот надзор“, се вели во извештајот за Србија.
Исто така, се наведува дека широко распространетите протести го одразуваат незадоволството од управувањето и политичките одлуки. зш/