• петок, 26 мај 2023

,Гласен Текстилец": Носењето на измените на Законот за работни односи пораз за работниците, синдикатите и за нас како организација

,Гласен Текстилец

Штип, 26 мај 2023 (МИА) - Работното време на коридорите 8 и 10д кое „Гласен Текстилец“ пред само неколку месеца го оспори пред Уставен суд, а тој суд го оцени како неуставно законско решение, денеска беше донесено со европско знаменце од страна на владината коалиција, се вели во писмената реакција од Кристина Ампева од Здружението „Гласен Текстилец“.

Посочува дека ова е уште еден пример на злоупотреба на европското знаменце, кршење на конвенциите на Меѓународната организација на трудот.                                                          

- Ова е враќање во феудалистичко општество и експлоатација на градежните работници. Ова е само еден грозен почеток на злоупотреба на работничките права, со наводно стратешки проект и дозвола за прекувремена незаконска работа, кој почеток понатаму ќе се користи и за останати дејности да бидат квалификувани како стратешки дејности, проекти, интереси, под влијание на разни структури, крупниот капитал, олигарсите, вели Ампева.

Забележува дека ова е пораз за сите работници, за сите синдикати и за нив како организација, која пред неколку месеци го оспори ова пред Уставен суд. 

- Оттука упатуваме голема загриженост за состојбата со човековите права, со почитувањето на законите, злоупотреби со европско знаменце за неевропски закон. Но, и очекуваме дека претседателот на државата, Стево Пендаровски денешните изгласани закони, вклучително и измената во Законот за работни односи нема да бидат потпишани од негова страна, подвлекува Ампева во соопштението. вдј/лв/

Остани поврзан