Гир: Во Брисел нема волја за менување на Преговарачката рамка
- Имплементирање на сите препораки на Оценската мисија на Европската унија во судството очекува евроамбасадорот Дејвид Гир.
Скопје, 28 јули 2024 (МИА) - Имплементирање на сите препораки на Оценската мисија на Европската унија во судството очекува евроамбасадорот Дејвид Гир.
Во интервју за Слободна Европа, Гир вели дека во Брисел нема волја зе менување на Преговарачката рамка. За него е апсурд да има само партиски функционери, а да нема компетенција и меритократија.
-Ја поздравуваме посветеноста на Владата да напредува на патот кон ЕУ, и веќе видовме добар напредок, не само во некои дискусии што ги имавме за реформската агенда, која мислам дека напредуваше многу позитивно, дури и во краткиот период откако е Владата, истакнува евроамбасадорот.
Во однос на уставните амандмани, тој посочува дека веќе имаме решение на маса.
-Се сеќавате уште во јули 2022 година многу внимателно ги следев преговорите што се водеа приближно помеѓу есента 2020 година и тој договор што беше постигнат на 22 јули не беше лесен процес, или за која било страна, беа направени компромиси. И како резултат на тоа, мислам дека веројатно е склучен најдобриот договор што можеше да се направи во тоа време? Дали оваа Влада би можела да постигне подобар договор? Јас лично многу се сомневам во тоа. Се разбира, тоа е прашање меѓу двете влади, но многу се сомневам дека тоа може да се постигне. И не гледам апетит во Брисел за повторно разгледување на преговарачката рамка, која е основа на преговорите. Како што велам, има решение на маса. Би било добро сега да напредуваме кон тоа решение, рече Гир.
Евроамбасадорот Гир во интервјуто вели дека договорите за заеми меѓу членките на ЕУ и со други земји се вообичаени, но, нема детали за унгарскиот заем.
-Не можам да коментирам за конкретни детали на заемот бидејќи не сум го видел, а не сум ни сигурен дека се уште е целосно склучен, така што тоа е посебна работа. Но, да, има примери на земји-членки кои даваат заеми влада на влада, заеми на трети земји, концесиски заеми директно на буџетот. Тоа е практика која постои во рамките на Европската Унија, додава Гир. дма/сст/
Фото: МИА архива