• петок, 20 декември 2024

Гир за МИА: Постои празнина во Кривичниот законик, која приоритетно треба да се затвори

Гир за МИА: Постои празнина во Кривичниот законик, која приоритетно треба да се затвори

Скопје, 12 јануари 2024 (МИА) - Евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за МИА нагласува дека главната загриженост во однос на брзите измени на Кривичниот законик е можноста за зголемување на неказнивоста и она, што се покажа со текот на времето, како што посочи, е дека откако измените стапија во сила, неказнивоста е зголемена.

-Она што го привлече вниманието и нашата загриженост беа измените на Кривичниот законик. Во тоа време бевме загрижени дека ова ќе доведе до повеќе неказнивост, тука беше и злоупотребата на европското знаменце, но главната загриженост беше дека ова би можело да доведе до поголеми можности за неказнивост. И она што го гледаме случај по случај со текот на времето е зголемена неказнивост, и сега увидовме дека постои празнина во еден дел од законот што приоритетно треба да се затвори, вели Гир, одговарајќи на прашањето за проблемот со корупцијата со кој се соочува земјава, што беше нотирано и во последниот извештај на Европската комисија.

Корупцијата, наведува евроамбасадорот, го поткопува економскиот потенцијал на државата, ги поткопува иновациите, претставува еден од оние фактори што ги тера луѓето да ја напуштат земјата и секако претставува извор на нееднаквост и неправда.

-Затоа е многу загрижувачки што ноемврискиот извештај на Европската комисија кажува дека нема напредок во борбата против корупцијата. Нашето очекување е ова да биде една од главните области каде треба властите да бидат активни, борбата против корупцијата, истакна Гир, кој напомена дека има и светли примери, како работата на Државната комисија за спречување на корупција и на Државниот завод за ревизија, но додаде дека во борбата против корупцијата треба да се вклучат сите општествени чинители.

Интервјуто со евроамбасадорот Дејвид Гир со видео материјал целосно ќе биде објавено утре. ац/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан