Германија го поддржа барањето на Трамп за зголемени издвојувања од БДП за одбраната
- -Го следиме (Трамп) и го гледаме ова како јасен знак за посветеноста на САД кон Член 5 од договорот за НАТО, изјави новиот шеф на германската дипломатија, Јохан Вадефул, за време на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во турскиот приморски град Анталија, јавија британските медиуми.
Анталија, 15 мај 2025 (МИА) - Германија денеска и официјално го поддржа барањето на американскиот претседател, Доналд Трамп, членките на НАТО да ја зголемат сумата средства за одбрана од сегашните два на пет проценти од бруто домашниот производ (БДП).
-Го следиме (Трамп) и го гледаме ова како јасен знак за посветеноста на САД кон Член 5 од договорот за НАТО, изјави новиот шеф на германската дипломатија, Јохан Вадефул, за време на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во турскиот приморски град Анталија, јавија британските медиуми.
Состанокот се одржува во време кога сè повеќе членки на НАТО сметаат дека сегашната цел од два проценти е недоволна, особено по војната во Украина, во 2022 година. Во моментов 22 од 32-те членки на Алијансата ја исполнуваат или ја надминуваат таа цел.
Предлогот за зголемување на целта дојде по претходните закани на Трамп за можно повлекување на САД од НАТО доколку сојузниците не ги зголемат своите инвестиции.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предложи компромисен модел - 3,5 проценти од БДП за одбрана и дополнителни 1,5 проценти за поширока безбедност, вклучувајќи инфраструктура и кибер безбедност.
Шефот на естонската дипломатија, Маргус Кана, изјави дека целта од пет проценти мора да се однесува исклучиво на воените трошоци, како што е дефинирано со правилата на НАТО.
Американскиот државен секретар Марко Рубио јасно стави до знаење дека Вашингтон очекува повеќе од своите сојузници.
-Еден сојуз е силен колку што е силна неговата најслаба алка, а ние не сакаме слаби алки во овој сојуз, рече Рубио во Анталија.
Лидерите на НАТО се обидуваат да постигнат договор за нова цел до самитот во Хаг, со цел да се обезбеди иднината на Алијансата и да се избегнат кризите што ги обележаа претходните односи меѓу САД и Европа.сд/
фото:МИА архива