Герасимовски: Почнаа интервјуата, осум студенти ќе добиваат платена пракса од 15 илјади денари
- СООПШТЕНИЕ:
Скопје, 4 јуни 2025
Општина Центар информира дека во тек се интервјуата со студентите и апсолвентите кои се пријавија на јавниот повик за практикантство во општинската администрација. Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека одѕивот беше голем, што потврдува дека младите гледаат вредност и можност за развој преку институционално искуство.

„Среќен сум што младите изразија желба и аплицираа за практикантство во општината. Преку ова искуство студентите ќе се запознаат со сите процеси на управување и носење одлуки. Вложуваме во квалитетен кадар кој уште од студентските денови ќе ја разбере важноста на јавниот сектор и ќе биде подготвен да придонесе за подобар Центар. Во моментов се спроведуваат интервјуата со сите кандидати, а по завршувањето ќе бидат избрани осум практиканти кои во следните шест месеци ќе имаат можност да се стекнат со практично искуство во секторите на општината. Нивниот труд ќе се вреднува со месечен надоместок од 15.000 денари. Со нетрпение чекам да станат мои колеги и зааеднички да го подобруваме нашиот Центар“, вели Герасимовски.
Општина Центар
_______________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото: Општина Центар