• петок, 01 март 2024

Георгиев: Ако Оценската мисија заклучи дека Судскиот совет треба да биде распуштен, ќе ја почитуваме одлуката

Георгиев: Ако Оценската мисија заклучи дека Судскиот совет треба да биде распуштен, ќе ја почитуваме одлуката

Скопје, 27 ноември 2023 (МИА) - Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев вели дека доколку Оценската мисија на Европската унија заклучи дека Судскиот совет треба да биде распуштен, ќе ја почитуваат таа одлука.

За емисијата „360 степени“ што се емитува на МРТ 1, Георгиев посочи дека функцијата не е вечна. 

-За мене зборувам, нема проблем. Ако е таква перцепцијата, ако е тоа препорака од релевантен фактор, тогаш нема дилема. Ништо не е вечно, тука сме да го спроведеме тоа. Прекин на мандатот за мене е многу реално ако се цени дека сето тоа ќе придонесе за да ги подобри состојбите за да имаме некаква доверба, истакна Георгиев. 

За случајот со судијата Енвер Беџети, кој е казнет со парична казна, а не и со разрешување, затоа што повеќе месеци во фиока го чувал предметот за незаконското прислушување, Георгиев појасни дека немало доволно гласови за негово разрешување.  

-Најмалку осум гласа е потребно за да се донесе одлука за разрешување на судијата, а во овој случај немаше осум гласа. Кога е ваква состојба, согласно законот, се продолжува да се оди прво со дисциплинските мерки коишто се изразени во парична казна од 15-30 проценти и најамалата казна е изразување јавен укор или опомена. Во случајов осум гласа доби намалување 20 проценти од платата во период од шест месеци, посочи Георгиев.

Судиите, како што рече, одлучуваат по сопствено убедување, а дел од нив изнеле аргументи зошто гласале против разрешување на судијата Беџети.

 -Тука станува збор за Кривичен совет во кој овој судија е известител, но е состав од сите пет судии. По нечие убедување, дел од колегите сметаа дека можеби станува збор за колективна одговорност на целиот совет и тука беа нечии аргументи зошто само овој судија да понесе одговорност. Од друга страна, овој судија претходно имал солидни резултати во неговото работење, постигнати бодови, а претходно имаше и апликација за унапредување, рече Георгиев.

Прашан за неконзистентност во одлучувањето на Судскиот совет кој претходно ги разреши судијките Лидија Неделкова и Софија Лаличиќ за поситни забелешки, Георгиев рече дека и тогаш имало различни мислења, но натежнале гласовите на мнозинството.

За евентуално партиско влијание врз одлуките на Судскиот совет, Георгиев вели дека членовите на Советот се професионалци кои не треба да си дозволат какви било влијанија, особено при одлучувањата за разрешување или за избор на судија. бак/вј/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан