• петок, 13 февруари 2026

Георгиевски: Покажуваме дека довербата што повторно ни ја дадоа граѓаните значи уште поголема одговорност, посветеност и работа

Георгиевски: Покажуваме дека довербата што повторно ни ја дадоа граѓаните значи уште поголема одговорност, посветеност и работа

Скопје, 13 февруари 2026 (МИА) - Во првите 100 дена од мојот нов мандат како градоначалник на општина Илинден покажавме дека довербата што повторно ни ја дадоа граѓаните значи уште поголема одговорност, посветеност и работа со јасна цел - континуиран развој и подобар квалитет на живот за граѓаните на општина Илинден, вели градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски. 

Како што информираат од Општината, тој истакнал дека новиот мандат го почнале со силно темпо во подобрување на патната и комуналната инфраструктура.

- Во тек е изградбата на нов плочест мост и сервисната улица „500“ и почната е изградба на улицата „103“ во месноста Јака, целосно е реконструирана и улицата „30“ во населбата Илинден. Поставивме нова сообраќајна сигнализација во сите населени места, изградивме заштитна ограда околу комплексот „Драго Маневски“ и нов паркинг-простор кај СОСУ „Илинден“. Продолживме со чистење на каналската мрежа, ја доведуваме во завршна фаза изградбата на фекалната канализација во Кадино и работиме на поставување нов препумпен уред во населбата Илинден. Целосно ја изработивме проектната документација за фекална канализација во Миладиновци, а во тек е подготовка на документација за Ајватовци и Бунарџик - нагласи Георгиевски. 

Ова, потенцира тој, се системски решенија што носат долгорочна стабилност за жителите на општина Илинден.

- Паралелно, вложуваме и во унапредување на јавните услуги. Во тек е реконструкција на покривот на административната зграда на јавните комунални претпријатија, набавивме нова опрема за потребите на ЈКП „Илинден“ и спроведовме редовна дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Во рамките на иницијативата „Зелена општина Илинден“ засадивме речиси 600 нови дрвца затоа што верувам дека развојот има вистинска вредност само ако оди рака под рака со грижата за животната средина и здравјето на граѓаните - вели градоначалникот.

Според него, посебен акцент е ставен на младите и на образованието, се инвестирало во училиштата, обезбедени се паметни таблети за учениците во средното училиште и за дел од учениците од основните училишта.

- Изградбата на централната кујна во ЈОУДГ „Гоце Делчев“ е во завршна фаза, со што ќе се почне и со пренамена на постојната кујна во простории за згрижување уште повеќе дечиња. Извршивме реконструкција и опремување на голем дел од училниците во сите општински основни училишта. Првпат воведовме финансиска поддршка за првачиња, ја зголемивме поддршката за новороденчиња и субвенциите за млади претприемачи затоа што силна општина се гради со силни семејства и образовани млади луѓе. Во овие 100 дена покажавме дека Илинден останува место каде што се негуваат културата, спортот и заедништвото. Организиравме многубројни настани, изложби и спортски активности. Потпишавме и меморандуми за подобрување на економските и социјалните услуги, со што набргу ќе се обезбедат логопедско-дефектолошки услуги за деца со попреченост, како и услуги во домот за највозрасните жители на локално ниво. Потпишавме и меморандум за организација на втор економски саем, со цел дополнително унапредување на локалната економија - нагласи градоначалникот на општина Илинден.

Овие први 100 дена, според него, се потврда дека се движиме во вистинска насока, со јасно дефинирани приоритети, стабилен пристап и конкретни резултати.

- Продолжуваме да ја градиме општина Илинден како модерна, функционална и просперитетна општина. Во наредниот период ќе продолжиме со многубројни инфраструктурни, комунални, образовни, социјални, културни, спортски и многу други активности во интерес на сите граѓани. Продолжуваме напред, со конкретни чекори и мерливи резултати за подобар Илинден. Нашата определба останува да создаваме средина во која секој граѓанин ќе биде вреднуван, слушнат и почитуван - вели Георгиевски. сст/лв/

Фото Општина Илинден

Остани поврзан